Интервју со Виктор Куновски, автор на книгата ,,Дијамантско лидерство”

Книга што треба да ја прочита секој претприемач и секој лидер сегашен или иден, бидејќи културата ја јаде стратегијата за доручек, многу се зборува за стратегија, а многу малку се зборува за култура што треба да биде погонското гориво, на секоја стратегија.

Преставете се пред македонската јавност, кој е Виктор Куновски?

Здраво, Александар и поздрав до читателите и членовите на Macedonian Business Hub.

Моментално живеете во Лондон. Што работите таму?

Гледајќи го второто прашање полесно ми е да ги одговорам двете заедно. Поточно би било ако кажам дека моментално живеам на релација Лондон – Скопје, бидејќи во Македонија сум скоро секој месец по неколку дена.

Инаку по едукација сум психолог – советник и коуч за организациски и личен раст и развој. Истово го работам веќе 15 години. Дополнително во последните неколку години сум и ко- автор на неколку книги во областите на коучинг и организациска култура.
Во Македонија луѓето ќе ме препознаат по моите текстови во КАПИТАЛ, блогот Анализа Катализа, по консултантската фирма Коуч Ера која ја водев од 2007 – 2012 и по формирањето на “Ulab” хабот во Скопје кој е дел од глобалниот Ulab процес на трансформација на себе, бизнисот и општеството. Ова последново посебно им го препорачувам на твоите претприемачки читатели.

Во Лондон мојот моментален интерес е околу маркетингот и продажбата на англиската верзија на книгата ,,Дијамантско лидерство”, која е достапна во е-верзија на Амазон.

Неодамна ја издадовте книгата Дијамантско лидерство?
 

Во најкратки црти, ова е книга која доколку ја имплементираме во контекст на трансформација на себе, бизнисот и општеството има потенцијал да ја претвори Македонија во елегантен, брз и многу атрактивен (секси) глисер. Да создадеме општество во кое Македонците од дијаспората ќе сакаат да се вратат и тука да живеат, а не обратно. Оставам на читателот и неговата имагинација да го замислат овој глисер.
Дополнително многу ми се допаѓаат и твоите зборови од дијалогот кој го имавме пред недела дена. Ако те парафразирам, ова е книга која ќе не научи “Како да му ја нахраниме козата на комшијата”.

Што преставуваат сопствените вредности, а што националната култура?

Секој од нас има вредности. Ако се запрашате што вреднувам најмногу во животот? Веднаш ќе ви излезат неколку работи. Нашите вредности се производ на нашето образование во фамилијата и друштвото, преку кое сме стекнале одредени верувања што е вредно, а што не е. Некои верувања се корисни, но некои не, а истото е пресликано и кај вредностите.
Интересно е да напоменам дека верувањата се поврзани со минатото и на среќа истите, како возрасни луѓе можеме да ги провериме и доколку не ни служат да ги замениме со поадекватни верувања. На вредностите можеме да гледаме како на верувања кои потекнуваат од најдлабокиот и најавтентичниот дел на нашата душа-срце.
На лично ниво збирот на верувањата и вредностите го градат нашиот карактер.

На организациско и национално ниво, збирот на доминантните однесувања и вредности во групата се вика култура.

Што преставува моделот на 7 нивоа на свеста и кои се тие нивоа?

Хм, како да го објаснам моделот во неколку реченици, тоа е предизвик, но еве замисли една компанија (или нација) како зграда со 7 спрата.
Секој спрат претставува ниво на свест во кои функционираат одредени вредности и однесувања.

Првиот спрат се вика ОПСТАНОК, вредностите на овој спрат се одговорни за здравјето и сигурноста на вработените (или граѓаните на национално ниво), финансиите и профитот во компанијата.

Вториот спрат е РЕЛАЦИИ со вредности како отворена комуникација, почит, задоволство на клиентот, пријателство итн.

Третиот спрат е САМОДОВЕРБА со вредности и однесувања како успех, квалитет, продуктивност, ефикасност…

Но многу важно е да се каже дека на овие три спрата постојат и лимитирачки вредности и однесувања кои се штетни за здравјето и функционирањето на еден бизнис или нација – метастази кои го јадат профитот ако сакаш.
Лимитирачки вредности од првиот спрат се контрола, искористување на вработените, сиромаштија, корупција, насилство, невработеност, еколошка загаденост итн.
Вториот спрат боледува од однесувања и лимитирачки вредности како окривување, манипулација, конфликт, непотизам…
Третиот спрат пати од ароганција, бирократија, потрошени ресурси, централизирана власт, елитизам, неписменост…

На 4, 5,6 и 7 спрат нема лимитирачки вредности.

Спратот 4 што се вика ТРАНСФОРМАЦИЈА е одговоен за вредностите како иновација, храброст, тимска работа, личен раст и развој, континуирано учење итн.

Петтиот спрат е наречен ВНАТРЕШНА КОХЕЗИЈА и се грижи за усогласување на вработените во организацијата (или граѓаните во нацијата) преку вредностите како доверба, соработка, споделена визија, транспарентност, чесност, оптимизам итн.
6-тиот спрат се вика ПРАВЕЊЕ НА РАЗЛИКА, со вредности како менторство, лидерство, задоволство на вработените, квалитет на живот, свесност за животната средина…

Последниот спрат се вика СЛУЖЕЊЕ на останатите и поседува вредности како човечност, мудрост, идни генерации, долгорочна перспектива, мир, човекови права …

Кога организациите функционираат балансирано со позитивни вредности на сите нивоа тие се најпродуктивни.
Ако не постои баланс или ако некој од спратовите е комплетно затворен или уште полошо ако на спратовите има многу лимитирачки вредности, тогаш компаниите или системот воопшто заедно со луѓето во него пати, губи здравје, продуктивност, клиенти, профит, енергија.

Во книгата ,,Дијамантско лидерство”  ја нагласувате потребата за трансформација од его кон еко функционарање?

Да, апсолутно и веднаш сакам да кажам за читателот дека не измислувам никаква топла вода, ниту пак сум прв кој го користи овој термин.
Под его функционирање се смета начинот на функционирање од кој корист имаат само неколкумина и тоа на краток рок. Ова го мислам на локално, регионално и глобално ново. Овој вид на функционирање е линеарен, нареднички од горе надолу и е застарен, нефункционален и неоддржлив начин.

Еко функционирање е системски, холистички и се грижи за добробит на целиот систем и на системите кои се дел од поголемата слика. Се е поврзано, се е едно. Овој начин на функционирање е незапирлив еволутивен процес кој со се поголем интензитет се случува и допрва ќе се случува во светот и кај нас како дел од планетарната целина.

Во 2009 година направивте мерење на вредностите на македонската култура. Kакви резултати добивте од тоа мерење?

Поради ова прашање ја напишав книгата, но во кратки црти ова се клучните податоци од мерењето:

1) Граѓаните на Македонија на лично ниво поседуваат прекрасни вредности и позитивна енергија и став кон животот.

10-те најзастапени вредности на лично ниво се: семејство, чесност, соработка, здравје, одговорност, амбиција, креативност, почит, грижливост и правичност.

2) Но моменталната култура е неверојатно токсична – (викам моменталната бидејки култура не се менува преку ноќ и резултатите од 2009 се се уште видливи). Меѓу 10-те најзастапени вредности, 9 се лимитирачки и непродуктивни како: невработеност, несигурност за иднината, сиромаштија, корупција, бирократија, еколошко загадување, криминал-насилство, непотизам и обвинување.
Оваа токсична култура во која доминира стравот и во која единствената позитивна вредност е мир, не им овозможува на граѓаните да бидат тоа што се и да го остварат својот потенцијал.

3) Ентропијата или процентот на сите лимитирачки вредности застапени во моменталната култура е 49%. Ентропијата е негативната и нерасположлива енергија за продуктивна работа во системот. Ова значи дека половина од нашата целокупна енергија е штетна, зијан, фрлена низ прозор.
Ако се претвори во бројки, тоа значи дека секој втор ден во Македонија е непродуктивен и дека нашиот зијан, т.е. непродуктивност е безмалку иста колку и нашиот Бруто Домашен Производ. Со други зборови, ние годишно поради оваа ентропија губиме околу 12 милијарди долари.

Една од највпечатливите реченици во вашата книга е “Културата ја јаде стратегијата за појадок”?

Да, таа често се користи во бизнис жаргонот и е неверојатно прецизна. За да изградите еден производ вас ви се потребни стратегија и култура како два паралелни столба кои ја држат зградата.
Стратегијата се состои во планирање (за кого е производот, колку ќе чини, каде ќе го продаваме…).
Културата е енергијата – однесувањата на луѓето кои ја имплементираат стратегијата.
Јас во книгата давам пример со развојот на туризмот во Македонија.
Стратегијата е во привлекување на туристите преку рекламите низ цел свет, модернизацијата на аеродромите од концесионерот TAV, изградба на инфраструктурата – локални патишта, која беше направена до перфекција.

Но моменталната култура која треба да ја поддржи стратегијата едноставно ја минира стратегијата. Јас ги напишав погоре штетните вредности но во контекст на туризамот еве ги најлошите кои едноставно ни го јадат профитот: еколошко загадување, криминал-насилство. Замислете само како се осеќаат еколошки супер осетливите Холанѓани кога ни ги гледаат депониите низ државата и отпадоците по плажите и парковите? Или каков е ефектот кога турист ќе биде убиен во сред град како Охрид или брод ќе се преврти во сред езеро со удавени туристи?

Ова се брутални примери, но на жал така културата ја јаде стратегијата за доручек, ручек и за вечера.
И наместо да се продадеме како дестинација од 5 ѕвезди (тоа е оној елегантен и брз глисер кој секој сака да го гледа и да се вози на него) ние се продаваме како евтина дестинација.
Со оглед дека твоите читатели се претприемачи, мислам дека математикава им е апсолутно јасна.

Дали има примери на познати светски компании што преку подобрување на културата ги подобриле своите резултати?

Накратко и одлучно ќе одговорам со едно големо да. Јас во книгата ги давам примерите на неколку огромни светски бренда како UNILEVER и една од најголемите банки во Африка, чија студија на случај е напишана ни помалку ни повеќе од нивниот извршен директор.

Дополнително, алатката која ја користевме за мерење на културата во Македонија во 2009, до денес е користена во над 6000 компании ширум светот. Поради препораките и позитивните искуства во компаниите денес 26 земји на национално ниво ги користат истите алатки, а Македонија е една од првите.

Што е системски лидер?

Системскиот лидер е ко-креатор, каталист и сојузник на колективната интелигенција. Тој не е авторитарен водач туку е еден од многуте кои го ко-креираат системот. Тој (тие) треба најпросто кажано да му служи на системот и да создава платформи (најчесто во форма на дијалог) преку кои ќе бидат дестилирани колективната интелигенција и мудрост во една организација – нација. Мудроста, интелегенцијата и енергијата во системот ќе излегуваат во форма на креативност и иновација.
Системскиот лидер создава елегантни глисери во кои доминира висока позитивна енергија, а не страв и тензија.

Каде можат читателите да ја купат вашата книга?

Книгата е достапна во следниве книжарници:

Табернакул – Скопје.
Или – Или – Скопје.
Концепт 37 – Скопје
ТРИ – Градски Трговски Центар – Скопје

Дополнително, книгата може да ја добиете директно по пошта на било која адреса во Македонија по цена од 500 ДЕН. Доколку сте заинтересирани кликни за повеќе инструкции.

Please follow and like us:
0

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!