Ексклузивно интервју со македонецот кој го дизајнираше Mercedes GLC Coupe

Претставете се пред читателите на Macedonian Business Hub, кој е Славче Таневски?

Роден сум во Св. Николе, пораснав во Скопје. Цел живот ме пратеше пасијата за автомобилите, посебно за нивниот изглед. Тоа ме натера на 19 годишна возраст да заминам за Германија. Таму студирав на еден од петте најпрестижни факултети за дизајн на автомобили во светот. За време на студиите, уште од втора година работев како дизајнер во Мини, а веднаш потоа добив ангажман во Мерцедес-Бенз прво како практикант, а потоа ми беше дадена можноста да ја изработам и дипломската работа. Веднаш потоа бев вработен во истото студио на неопределено време и веќе 5 години професионално сум задолжен за надворешниот дизајн на сите сериски возила.

Како од Машински факултет успеа да стигнеш да бидеш дизајнер за Mercedes?

Околностите пред 9 години беа такви да морав да студирам една година во Македонија, како услов за упис на факултетот во Минхен.

Колку време ти требаше од твојата прва скица за Mercedes GLC Coupe до одобрување на твојот дизајн и од одобрувањето на твојот дизајн до производство на моделот?

Интерно беше објавен повик секој дизајнер да предложи нов концепт на возило кој недостасува во портфолиото на Mercedes. Јас го предложив GLC Coupe и веднаш беше прифатен. Тоа ми беше првиот проект како професионален дизајнер. Целиот дизајн процес траеше 15тина месеци, додека конципирањето на целото возило, тестовите и подготовката за производство 4 години.

08-mercedes-benz-glc-coupe-suv-design-interieur-exterieur-1280x710-1280x710

Од каде ја доби инспирацијата за дизајнот на Mercedes GLC Coupe? 

Немаше нешто конкретно што ме инспирираше. Сè беше игра со пропорции. Доколку го погледнете од страна, ќе забележите долга хауба типична за Mercedes (заден погон) и кабина која седи на задната оска во форма на капка, со драматична и ниска кровна линија.

 Кажи ни нешто повеќе за GLC Coupe?

GLC Coupe е спој на двата света во кои Mercedes е беспрекорен. Светот на SUV и купеата. Во долниот дел на возилото ќе препознаете робусен клединг, заштита при возење во теренски услови со висок клиренс. Самата каросерија врз него е мазно стилизирана со полни мускули и динамични линии. Функционираат како школка и бисер.

glc-top

Што највеќе те импресионираше во Mercedes?

Секако професионалноста. Историјата и значајноста на брендот. Мислам дека нема човек во светот што не ја препознава трокраката ѕвезда. Сетот тоа ме инспирира но и ми задава голема одговорност.

Кога во Mercedes ќе го спомнеш името Македонија, која е нивната прва асоцијација?

Сите прво ме прашуваат каде се наоѓа. Неколкумина се сеќаваат на земјотресот од 1963, а некои ги асоцира на Александар Велики. Меѓутоа многу малку знаат за мојата земја, но тука јас реагирам и ги запознавам.

Во кој правец ќе се движи автомобилската индустрија во светот?

Секои 5-10 години има некој бран кој ја движи индустријата во одреден правец. Тоа е електро-погонот, автономното возење и дигитализацијата. Насоки кои долго време се приоритет на компанијата.

Во Македонија автомобилската индустрија е генерално нова гранка, едвај има 10 години постоење, дали мислиш дека се развива во добар правец?

Не би се сложил со Вас дека во Македонија има автомобилска индустрија. Сепак тоа што го произведуваме е маргинално. Да бидеме реални, Македонија за жал е европска Кина каде само се искористува евтина работна сила.

Дали мислиш дека Македонија има шанса да привлече познат светски производител на автомобили, да отвори своја фабрика со оглед на тоа што веќе постојат фабрики во Македонија што произведуваат автомобилски делови?

Мислам дека не. Сепак за тоа да се случи треба многу know-how како прво, професионалност како второ и како трето многу лобирање и јака дипломатија. Фактори кои моментално ги немаме.

Што би им препорачал на македонските претприемачи?

Да обезбедат подобри работни услoви за вработените, повеќе да ги почитуваат нивните права и да им овозможат достоен приход.

Интервјуто го водеше Александар Пандуловски

error: Content is protected !!