Интервју со Ивица Пениќ: Онлајн маркетингот е сегашност и иднина

Дали може да се претставите пред читателите на Macedonian Business Hub? Kој е Ивица Пениќ?

Ивица Пениќ е бизнис тренер, консултант и ментор за продажба со повеќе од 17 години искуство во маркетинг и продажба за претприемачи. Уште од најрана возраст изразувам желба и интерес кон оваа област па, со 13 години, започнав да им помагам на моите родители во семејната продавница. Уште тогаш бев подготвен да преземам одговорност, да опипам што сакаат клиентите и да пронајдам начин да заработам повеќе. Со 21 година добив желба да го пропатувам светот. Но, за разлика од останатите деца на моја возраст кои чекаа некој да им уплати патување, решив да преземам сè во свои раце. Отворив туристичка агенција и тргнав во остварување на целта. И успеав, не само што патував и сам ги покривав трошоците, туку им го обезбедив истото и на моите колеги од факултет. Беа презадоволни. По неколку години, имав посериозни намери. Добив работа во Министерството за економија на Хрватска, но сфатив дека канцелариска работа не е за мене, и по 6 месеци дадов отказ. Никому не му се веруваше дека напуштам така „добра” работна позиција. Тие шест месеци ги искористив за да читам и научам нешто повеќе. Аплицирав за работа во областа на продажба во Швајцарска фирма со претставништва во Загреб, Белград и Будимпешта. Во таа фирма успеав многу да напредувам и да стекнам огромно искуство. По неколку години, работата за друг не ми се допаѓаше. Решив моето искуство и знаење за продажба и маркетинг да го пренесам на што повеќе луѓе. Во 2010 година ја создадов компанијата „Mariviam Success Academy“ – првата онлајн академија во Југоисточна Европа. Мотивирав и едуцирав преку 450 луѓе. И, еве ме веќе две години во Македонија…

Веќе две години живеете и работите од Скопје. Како ви се допаѓа?

Така е. На почетокот бев малку скептичен. Кога дојдов од Загреб, ми беше тешко да се адаптирам. Ми пречеа одредени навики на овдешните граѓани. На пример, што сметот е насекаде, се паркираат било каде, секој поминува каде сака – едноставно правилата не се почитуваат.

Од друга страна пак, сфатив дека Македонија има што да понуди и тоа по многу евтина цена. Доколку работите од Скопје нешто како што е онлајн маркетинг можете да си приуштите одличен начин на живот. Храната е одлична, виното исто така. Цените на услугите се неколкупати помали во однос на Загреб – а го добивате речиси истото. Топло е, што мене многу ми значи, а луѓето и покрај тоа што живеат скромно и во минимални услови, се ведри и дружељубиви. Постојано се надвор, кафулињата се полни во секој дел од денот. Ми се допаѓа што Охрид, кој патем го обожавам, и Грција се близу, па често знам да отпатувам на неколку дена за да ги наполнам батериите.

Во Скопје дефинитивно може добро да се живее, ако знаете како да го организирате сето тоа.

Кога почнавте првпат и зошто се одлучивте да се занимавате со онлајн маркетинг?

Со онлајн маркетинг започнав да се занимавам во 2012 година, поточно оној период кога „Facebook“, тогашните бизнис страници/фан страници ги претвори во „Facebook Business Timeline“. Две години пред тоа имав сопствена компанија со која работев тренинзи и работилници во регионот на тема: „Директна продажба и користење на Интернет за пребарување и презентирање на понуди.“

Така, тоа беше добра работа,  но не бев задоволен што го менувам времето за пари и размислував како да го зголемам моето влијание на пазарот. „YouTube“ беше во пораст, тоа беше време кога можевте да заработите со 50 000 прегледа. Почнав да снимам видеа на мобилен и да објавувам содржина. „Facebook“ пристигна како одличен канал за насочување на мојата публика на „YouTube“ каналот. Во 2013 го напишав „IPS“ програмот за предавачи кој содржи доста совети и идеи за тоа како да се користи Facebook“ за продажба. Од 2013та „Facebook“ e канал кој ми носи 70-75% приходи.

Дали може да кажете нешто повеќе за онлајн маркетингот?

Онлајн маркетингот е нешто што може во целост да го замени традиционалниот маркетинг. Социјалните медиуми придонесоа премногу за сето тоа. Она што е најзначајно е дека тие од ден во ден постојано се менуваат, па морате да бидете во тек со сè што се случува. Доколку заостанете, може многу да ве чини. Денес, на Интернет сме бомбардирани со најразлични реклами, но колку од нив навистина ги забележуваме? Интернетот е место на кое секој може да прави што и како сака. Но, за да бидеме успешни во онлајн маркетингот мора да се издвоиме. Најважно е да знаете како се однесуваат луѓето на кои им ја покажувате вашата реклама и на кој начин да го привлечете нивното внимание.

Какво е вашето искуство со луѓето и компаниите од Македонија со нивните познавања за онлајн маркетингот?

Верувам дека има компании кои вложуваат голем број на средства во истражување на пазарот за нивниот производ или услуга, и на соодветен начин му пристапуваат на истиот онлајн. Сум работел со неколку такви компании досега. Но, за жал, мал број од нив ја сфаќаат важноста на онлајн маркетингот.

Повеќето, посебно на Фејсбук, каде јас најмногу работам, нè изложуваат на истата реклама со месеци – без никаква естетска убавина која би го привлекла нашето внимание, без порака значајна за корисникот која ќе го задржи вниманието и оттука луѓето стануваат нервозни и возвраќаат со лоши коментари или оценка за услугата или производот.

Среќен сум што сè повеќе студенти и сопственици на компании доаѓаат на моите предавања и навистина се интересираат да научат нешто повеќе за онлајн маркетингот.

Пред кратко време ја објавивте програмата и книгата Start Up Check List?

Start Up Check List е компбинација од книга и програм кој ќе ви помогне да поминете низ сè што е потребно (затоа се вика Check List), да кажете или направите со цел да привлечете квалифициран корисник на вашиот производ или услуга. Некој кој има потреба, го сака, и знае како да го употребува, но и може да си го дозволи и е подготвен да плати за вашиот производ или услуга. Никогаш не било подобро време за маркетинг како што е денес бидејќи социјалните медиуми ни нудат одлична можност да најдеме, привлечеме, да комуницираме и да ги задржиме потенцијалните корисници. Но, ако сакаме да бидеме успешни во маркетинг или приватен бизнис мора да знаеме како да ја пласираме вистинската порака во вистинско време.

Овој програм, кој содржи 41 лекција, ќе ви помогне да еволуирате, да ги одредите трошоците, да го истражите пазарот и да се подготвите за следниот чекор на вашиот пат до успехот.

Ја отворивте сега Grow Up Academy. Што претставува таа?

Grow Up Academy е компанија чија примарна дејност е едукацијата. Започнуваме со организирање на серија работилници во траење од 3 дена (курс) во која учесниците ќе научат како да го пронајдат, привлечат и задржат корисникот кој им е навистина потребен. Потоа, следната работилница се однесува на алатите кои јас и мојот тим ги користиме секојдневно во процесот на онлајн маркетинг. Воедно на оваа работилница ќе зборуваме и за вештините на користење на овие алатки, и како да ги употребите за вашиот бизнис. Последната од серијата три работилници зборува за тоа како да ја креирате вистинската продажна порака. Во денешно време, од особено значење е на правилен начин да пристапите кон пазарот. Во спротивно, можете да доживеете голем неуспех. Планираме во иднина да активираме уште неколку програми од областа на маркетингот и продажбата за различен тип на корисници и потреби, а секако за тоа ќе бидете известени навремено.

Имаме желба, знаењето и искуството да го пренесеме на што повеќе компании, па паралелнo едуцираме неколку компании во областа на онлајн маркетингот и продажбата. Тимот од 5 луѓе, заедно со проектниот менаџер, секојдневно работат на реални проекти и им помагаат на маркетинг тимовите на компаниите да стигнат до резултатите кои имаат желба да ги постигнат.

Што ќе им порачате на македонските претприемачи?

Работете напорно за она што сакате да го постигнете. Не се откажувајте при првата пречка на која ќе наидете. Замислете сите да успеваат при првиот обид? На што би личел светот? Не очекувајте другите да направат нешто за вас, преземете сè во свои раце и постигнете го животниот стил кој го посакувате.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!