Високите даноци прават зголемена сиромаштија, а не обратно

Една од традиционалните тези, кога се брани зголемувањето на даноците, е дека богатите ќе купувале јахти и луксузни коли, односно дека хипер-паметните бирократи тие пари би ги пренасочиле кон гладнaта раја. Дека целата оваа идеа e тешка будалаштина, пред некоја година докажа Џо Салерно, од Мизес Институтот, во едно видео кое го имав преведено на македонски, ама од икс причини повеќе го нема на јутуб. Во оваа прилика ќе пренесам само дел од неговите истражувања.

1988 година, во екот на претседателската кампања во САД, Џорџ Буш Сениор на цел глас вика:„Читајте ми од уста, НЕМА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ДАНОЦИТЕ“. Сепак, кога дојде во Белата Куќа во Јануари 1989 година, уште во првите недели ги зголеми даноците на луксузни пловила, и тоа од 25% до 60% зависно од типот и големината на луксузната јахта. Најголеми производители на јахти во САД има во Њу Џерси, Флорида, Тексас и Калифорнија. Целата индустрија во 1988 година имала приближно 580.000 работници, плус околу 2.500 фирми кооперанти во кои работеле 68.000 работници, кои најчесто произведувале делови или ентериер за јахтите.

Крајниот резултат е вистинска катастофа, и тоа за работниците. Купувањето на луксузни јахти се сели на Бахами, Бермуди, Доминикана, Бразил, па дури и на далечните Кипар, Грција и Малта. До 1992 година, до крајот на мандатот на Џорџ Буш Сениор, индустријата за производство на јахти е девастирана. Бројот на работници паѓа од 580.000 на 110.000 луѓе…во Њу Џерси целата ваква индустрија исчезнува целосно, додека бројот на кооперанти од 2.500 паѓа на помалку од 200 фирми. Бројот на вработени кај фирмите кооперанти паѓа од 68.000 на помалку од 20.000 работници. Кооперантските фирми или се затвораат, или се преориентираат на ентериер за станбен и деловен простор.

Ај сега погодете кој бил најмногу погоден од даноците на луксузни јахти. Богатите сигурно НЕ. Тие продолжуваат да купуваат јахти онаму каде што се тие поефтини, или купуваат други луксузни добра. Најмногу страдаат обичните луѓе, работниците, оние за кои левицата наводно се грижи најмногу. Конечно, администрацијата на Бил Клинтон во 1993 година ги укинува ваквите даноци, и индустријата за јахти повторно почнува да расте.

Како сега да им објасниш на нашиве „прогресивци“ дека нашава килава економија едвај диши со рамен данок, и дека прогресивниот данок ќе ја зголеми сиромаштијата, а не обратно. Ги слушам денес како лупаат статистики извадени од мал мозок, за тоа како платите на вработените требале да се доближат до оние на раководниот кадар, па дури и до оние на инвеститорите. Сето тоа, плус зголемени даноци. Македонија е опкружена со земји во кои има ниски даноци. Рамен данок на добивка и перосналец на 10% имаат и Албанија, Косово и Бугарија. Погодете каде ќе отидат фирмите од овде, доколку владата збесне со даноци, и кој ќе настрада најмногу?

Виктор Трифуновски

Станете наш фан ако не сте, на нашата Facebook страна (Macedonian Business Hub) и читајте интересни текстови и размислувања што ги нема на друго место.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!