Важноста на арбитражните судови во рамките на стопанските комори

Деновиве една фирма од странство ми побара да видам сопственичка структура на одредени фирми. Ми вика: види во Chamber of Commerce (стопанска комора) да ти дадат. Му викам кај нас има Централен регистер во сопственост на државата.

Оваа конверзација ме потсети дека во Холандија регистрација на фирми се прави во Стопанска комора. Договорите што ги потпишуваат фирмите содржат клаузула во која стои дека во случај на спор надлежен е Арбитражен суд во рамките на Стопанската комора. На пример, порано кога имавме договори со светските лидери како HP, стоеше дека надлежност за спорови има Меѓународниот Арбитражен суд на Стопанската комора во Женева.

Зошто е ова важно? Бизнисот треба слободно да ги решава своите спорови. Регистрацијата и помошта во работата на фирмите е многу поквалитетна и поприродна ако фирмите се обраќаат на еснафот. Во арбитражните судови при стопанската комора многу поквалитетно и побрзо ќе се решаваат споровите и тука политиката не може да има такво влијание како во постоечките судови.

За волја на вистината, теоретски постојат можности за Арбитражен суд, но има многу пречки за тој-тие да профункционираат. Стопанските комори како еснафска заедница и главен центар за фирмите треба да имаат поголеми овластувања во давањето на услугите и тие треба да се преземат од бројните државни институции.

Пример дека е сето тоа возможно е на пример КИБС – клириншка куќа за порамнување на плаќања која е во сопственост на прифватни фирми – банки. Централниот депозитар е во сопственост на приватни фирми и банки. Исто така и Македонската берза. И Централниот регистар беше замислен да биде дел во приватна сопственост но во последен момент премина во државни раце – свесни сме за сите афери и злоупотреби што власта ги прави со Централниот регистер.

Во овој контекст би споменал и за нееднаквоста на приватните и јавните претпријатија во барањето на правда. Дополнително гледаме дека имало и повластени фирми во УЈП – едните може да “цркнат” ако немаат за данок, а другите се поштедени. Заради повластените, притисокот се насочува кон другите. Голема неправда и аномалија која создава дупка во економскиот систем.

За крајот, сметам дека реформите во судството не може да ги прават само експерти од право или судската фела. Фали клучната компонента, а тоа се потребите на граѓаните и фирмите. Народот вели: прашај паталец, а не гаталец. Луѓето што ќе прават реформи природно е да мислат само на нивната фела, кој кого да намести после тоа и работите да ги гледаат од теоретски аспект. Затоа е важно да се вклучат граѓански здружение, стопански комори и стопанственици – за да може прво да се согледа постоечката ситуација, да се видат кои се потребите за самите “корисници” на судскиот систем, па потоа да се гради стратегија, платформа и оперативни “алатки”.

Иако не сум правник, судството и правдата ги терам високо на мојата агенда во моето општествено делување и во подигнувањето на свеста кај политичарите дека без квалитетен правен систем, правда за сите подеднакво, не може да збориме за развиена економија. Правдата и еднаквоста се едни од клучните цели на секој економски систем. Така е во Холандија. Така е и во другите развиени земји. Да не се изненадуваме зошто Македонија е последна во Европа според економски перформанси и стандард.

Венко Глигоров

Основач и директор на Логин Системи

error: Content is protected !!