Синдикализмот и социјалната политика се најголеми душмани на сиромашните луѓе

Кај нашата јавност е широко распространето мислењето дека државните социјални политики ја ублажуваат сиромаштијата кај социјално загрозените, ги помагаат невработените, постарите и болните. На сето тоа се надоврзува заблудата дека синдикатите во исто време ги штитат” правата на работниците” лобирајќи за повисоки плати, помало работно време и подобри услови за работа.

Дека сето тоа е далеку од вистина, најнапред се гледа по фактот дека се помалку работници на Запад (особено во САД) членуваат во синдикатите, а се повеќе се заинтересирани за купување на акции и удели на берзите,со што ја обезбедуваат и сопствената старост и иднината на нивните деца. Работниците се повеќе се заинтересирани за поголема продуктивност на корпорациите, за поголеми дивиденди, додека високите даноци на социјалната држава, како и синдикалните притисоци влијаат во обратен правец… ја намалуваат продуктивноста и можноста за поголеми дивиденди.

Bm__14

Индустрискиот развој, во услови на слободен пазар, носи поголема продуктивност, помали трошоци по единица производ, додека конкуренцијата притиска кон симнување на цените. Тоа е процесот кој го зголемува животниот стандард, а не нумеричкото подигнување на доходите, ниту изнудениот синдикален рекет. Луѓето живеат подобро денес, од колку (на пример) пред 100 години, бидејќи можат да си дозволат повеќе производи, бидејќи истите стануваате се поевтини во однос на релативниот доход. Масовното производство, огромната продуктивност на корпорациите, поплавата од секакви производи и услуги, денес ни има овозможено се повеќе електронски апарати, се поевтини патувања, се повеќе и се поевтина облека, се поевтина храна.

qa__14

За поголема продуктивност потребен е капитал и квалитетно образование (за кое ќе зборуваме во друга прилика). Капиталот е тој кој ја подигнува човековата продуктивност, создавајќи ги производите и услугите се поприсутни на пазарот, додека слободниот пазар ги тера конкурентите да понудат попристапни цени за што повеќе луѓе. Народски кажано, три пара гаќи за 200 денари и телевизор за половина македонска плата, е принципот кој ни овозможува подобра живеачка … а не политичката опсесија со БДП и законите произлезени од неа.

Трудот има своја пазарна цена, која се зголемува во услови на зголемена побарувачка, а зголемена побарувачка се создава во услови на поголеми инвестиции, во услови на повеќе работодавци. Инвеститорите не доаѓаат онаму каде имате високи даноци, синдикално самоволие, и особено не доаѓаат онаку каде не постои правна држава, Непазарното зголемување на цената на трудот ги зголемува трошоците на производство, тоа станува поскапо и потешко достапно.

Така страдаат сите, поготово најсиромашните. Што е најстрашно, поскапувањето на трудот со политички декрет, ги дестимулира работодавците да отвораат работни места … и со тоа невработените добиваат помалку шанса за работа. Работа на државата, е обезбедување на правда, мир, односно прогонство на криминалот, а не мешање во економијата. Сите развиени земји, во периодот кога прераснувале од аграрни во индустриски, имале државна потрошувачка која едвај надминувала 7%. Тоа и е потребно и на Македонија, а не прогресивно оданочување.

Со појавата на социјална благосостојба во Западна Европа, преку 60 000 фабрики заминаа во Азија, не поради ниските плати (платите се во Африка уште пониски, па фабрики се отвораат помалку) туку поради ниските даноци и политичката и безбедносна стабилност. Европа вреди да се следи на полето на човековите права, НО НИКАКО од нив не смее да се превземе т.н “социјална благосостојба”.

kf__14

Субвенциите се исто така социјален механизам кој создава повеќе проблеми, отколку добра. Кога давате субвенции, државата зема данок од успешните фирми, од оние кои добро работат, и ги наградува оние кои работат лошо. Од една страна создавате илузија дека губитниците работат добро, а од друга страна им правите штета на успешните фирми. Тоа НЕ е никакво зголемување на продуктивноста, не е никаков раст на животниот стандард.

На Македонија и е потребен систем на највисоки економски слободи, во кој стопанските субјекти ќе бидат растеретени од било какви (или од што повеќе) социјални, еколошки и фискални ограничувања. Накратко, на Македонија и е потребен див и нерегулиран капитализам.

Виктор Трифуновски

error: Content is protected !!