Интервју со Марија Георгиевска: Претприемнишвото е лек за слаба економија

1.Повеќето од бизнис фелата Ве знаат, но за оние кои не Ве знаат,претставете се која е Марија Георгиевска?

Уредник, водител и креатор на економската емисија ПРОФИТ на Наша ТВ. Економски новинар, со долгогодишно искуство, кое ме мотивираше и да го надградам, за што магистрирав, токму на претприемаштво. Знаење, кое гледам да го применам во секоја емисија, со што ќе даде и поголем квалитет.

Постојано активна и на полето на истражување во оваа сфера, а верификувано преку повеќе научни трудови. Воедно и предавач  „клиничар“ на Бизнис Академија Смилевски, каде со студентите уживам воведувајќи ги во светот на  бизнисот, онака како што функционира во реалноста.

2.Вие сте автор и водител на економската емисија Профит, од вашето досегашно искуство кои се слабите а кои силните страни на македонските претприемачи?

Секојдневно сум во комуникација, опкружена со нашите бизнисмени, сопственици, основачи на компании, менаџери. Ќе потенцирам дека тие сe самоуверени во она што го работат. Ако малку направам слика за она што е состојба во бизнисот,се уште сме во фазата во која доминираат во структурата оние бизнисмени кои во 90-тите години го создаваа нашето стопанство, оние најхрабрите, кои започнаа во едно време на неизвесност.

Во тој циклус, веќе стапува на сила младата генерација на нивни наследници, но тие се уште ги немаат сите привилегии да го имаат главниот збор во бизнисот. Се уште учат, но  родителите почнуваат да им даваат шанса за докажување. Што е природен процес. Тие сега се во една фаза на прифаќање на новото време и новите текови во бизнисот, но доаѓаат и нови млади менаџери кои сами започнале бизнис во ова поново време.

Можеби, како слаби страни на нашите претприемачи треба да ги сметаме  недоволната ангажираност  за вложувања во иновации, истражување, нови технологии, лична едукација ,која е клучна, иако и за тоа има оправдување, немаат доволно финансиски средства.

Силните страни, пак, се во тоа што тие покажуваат дека во сите овие години на транзиција, светска економска криза, рецесија, внатрешни кризи и сл. успеваат да опстојат, да се издигнат и да продолжат понатаму. Не им е лесно воопшто, но се жилави и издржливи, прилагодувајќи се на сите промени кои се случуваат и во политиката и во економијата, како резултат на политиката.

Според мене,грев е што мора да трошат многу енергија, ресурси и финансии во опстојување, наместо тоа да биде во поголем развој, иновации и нови технологии.

3.Која е најчестата грешка што ја прават македонските претприемачи? 

Она што можат да го детектирам од многу работа и пристап во компаниите е истата патека по која сите се движат. Да, ќе речете и по економската теорија, мора да е така, во системот на еден бизнис.

Основаат бизнис, многу еуфорично, вложуваат и тргаат добро со работата, создаваат солиден производ или услуга, тој успева да се наметне на пазарот, прават добри продажби и така поминуваат еден период, после кој ги зафаќа лежерност, уживање во стекнатиот капитал, намалена активност на полето на истражување на пазар, конкуренција, трендови, развој, иновации, создавање нов производ, воведување промени, вложување во нова технологија, со еден збор се она што мора да го прават за да продолжат со развојот, постојано да бидат „во форма“, како да сега во тој момент го започнале бизнисот.

mg22

Тука прават грешки кои потоа, кога се будат и сфаќаат дека почнуваат да генерираат загуби повторно се алармираат, но лежерноста секогаш ја плаќаат скапо.Ако гледаме општо, ова што го кажувам ќе изгледа како критика, па ќе речат не точно, ние многу работиме и постојано вложуваме. Да,  изгледа дека многу работат, воведуваат новини и сл, но тие всушност гледаат да поминат со што помалку ангажман, мали вложувања, со мали промени, евтини инвестиции, мали варијации во производи и сл, затоа што реално им недостига капитал.

Ова е една генерална оценка, многу воопштена, никако не би сакала да биде сфатена детализирано или како слика за сите наши бизниси. Ова вообичаено е сликата за нашите мали и средни, односно семејни бизниси.

Можеби е и природен процес, бидејќи тие на почетокот се многу исплашени, од чинот на опстојување и целиот процес кој мора да го помине еден бизнис, затоа кога веќе ги поставуваат работите, си даваат оддишка едноставно под притисок на силното темпо кое го имале додека да застанат на нозе, а на кое ниту биле навикнати, ниту очекувале дека ќе биде толку силно, ниту имале доволно знаеле кога влегле во тој бизнис, најчесто таква е сликата.

Но, да не заборавиме, нашите компании  се уште се млади и сите овие фази  се природни.

Она што не е добро  е и  копирањето на туѓи идеи, производи, копирање на бренд, така само се збунува потрошувачот, а не се дефинира сопствениот бренд, тој се губи во масата идентични, со сличен дизајн, лого, бои, пакување. Мора да се работи на идентитетот на производот, тој да гради препознатливост, да биде свој, не еден од масата идентични. Се уште се мисли дека може така да се помине на пазарот, не не може, праксата  од напредните пазари покажува дека со ваков пристап „умира“ производот и се скратува неговиот животен век. Зошто, конкуренцијата е немилосрдна.

И додека нашите компании споро го прават тоа, бидејќи немаат доволно финансии, но и се уште не ја сфаќаат важноста, доаѓаат нови, странски, големи и силни производи и брендови кои може само да ги „голтаат“ нашите производи. Мора многу да се учи и да се довери на професионалци да го работат сето тоа во компаниите, не да се гледа да се заштеди и да се помине со некаква импровизација, тоа едноставно веќе кај потрошувачот не поминува. Особено, ако знаеме дека имаме веќе нови генерации на едуцирани потрошувачи.

Се гледа дека домашните производи не може да се надеваат само на лојалност од потрошувачот и патриотско чувство кое ги води да купат домашен производ, тие сакаат одличен квалитет, а за помалку пари. А, квалитетот на производите, пак, е се уште горливо прашање за нашите производители. Еден од проблемите е и непостојаниот квалитет, ќе направат добар производ и откако ќе почне да се продава, веќе следните серии го занемаруваат квалитетот, варираат со суровини, импровизираат, гледаат да заштедат во тој дел. Но, тоа не е начин да се оди кон развој и успех, потрошувачот тоа го казнува, едноставно, не го купува производот.

Но, јас многу ги сакам и почитувам македонските производи, ми стана професионална деформација кога одам во маркетите да гледам повеќе што  е ново, колку е збогатена палетата, што промениле производителите исл. бидејќи ги знам и сум била во голем дел од нашите фабрики и знам низ што поминуваат и со што се соочуваат. Искрено се радувам на сите новини, развој, колку тој да е скромен.

4.Дали претприемачите и бизнисмените се плашат да излезат пред камера?

Не, јас немам таков проблем. Во мојата емисија тоа не е случај, напротив гостите велат дека им е чест што се одбрани и поканети.Ако се погледне колку гости биле дел од емисијата, а се повеќе од 3.000, ќе се потврди мојот одговор. Емисијата има концепт да биде поддршка и партнер на нашите бизниси и сите кои се залагаат да напредуваат нашите компании од сите сфери. Затоа, сите кои сум ги поканила со задоволство ја прифаќале поканата.

Бизнисмените многу ја сакаат и гледаат емисијата ПРОФИТ, секојдневно го споделуваат тоа со мене. Среќна сум од тоа сознание, бидејќи целиот труд, посветеност, напорна работа во сите овие години кои сум ги вложила, се покажува дека даваат резултат. Работејќи посветено, низ годините, успеав да станам  водител и економски новинар кој го препознаваат и ценат сите од бизнис фелата.

Во ПРОФИТ излегоа многу сопственици на бизниси, многу нови инвестиции, нови производи иновации, за што сум многу среќна. Секојдневно добивам позитивни оценки дека емисијата е корисна, едукативна, охрабрува многу менаџери, претприемачи ги учи на корисни работи. Ме радува што можам да поттикнам претприемачите, невработените да разберат за некоја нова иницијатива,  компанија каде може да побараат работа, да добијат идеја со што да започнат, со кој бизнис, какви се правилата за тоа, што им е потребно, и сл. Низ сите теми што сум ги обработила во емисиите има нова приказна, нов успех, на поединец, нов производ, нова македонска компанија.

5.Дали треба владата да донесе некоја мерка или закон или да се измени некој закон за да им се помогне на претприемачите и бизнисмените? 

Има во многу сектори различни делови кои можат да се подобрат, за да се олесни работењето.Јас ги прашувам за секоја тема и сектор од стопанството да го кажат тоа и јавно, како нивна сугестија.Многу ги револтира честата промена на законите, губат многу време за да ги следат.Како и селективниот третман кон компаниите.Секако, пристапот до финансии останува вечен проблем.

Но,она на што најмногу се жалат, што најмногу ги успорува,кога разговараме, се долгите административни процедури, поврзани со тековното работење,потребата секогаш да наоѓаат некои „релации“ за да можат да ги завршат работите и да бидат брзи во реакциите.Тоа им одзема многу енергија, време и пари, велат тие.Иако, генерално многу се прави и во делот на законите, во пракса се уште не функционира така брзо, тоа сите го знаеме. А, во бизнисот, времето чини пари.

6.Каков совет би им дале на читателите на Macedonian Business Hub кои се претприемачи или сакаат да станат претприемачи? 

Можеби е фраза, но неизбежна да се повтори. Да бидат храбри, да веруваат во својата идеја, која сигурна сум многу ја разработиле пред да сфатат дека сакаат да ја реализираат во бизнис. Она што мора да го разберат е дека тоа мора да биде нешто навистина ново, оригинално,што го нема на пазарот или да биде многу поразлично од постоечкото, со тоа си ги зголемуваат шансите за успех.

Да размислуваат од позиција дека со тоа новото што ќе го создадат треба да решат некој проблем на потрошувачот, да му го олеснат или подобрат секојдневието во животот, така ќе креираат перспективен производ или услуга.Да не гледаат во некој постоечки производ, сметајќи дека тој може да биде нивниот нов, со некои варијации.Тоа не дава шанси за успех.Патот е трновит, тоа го знаат, но да бидат упорни.

Низ годините ме разочарува по малку кога гледам дека се појавува како бран на некои дејности, производи, работа во некоја сфера, и сите таму се насочуваат, го прават истото, се појавуваат многу исти или пресликани бизниси и на мал пазар се гушат. Иако, можеби е појавено од реалната потреба на пазарот, времето и потрошувачот, сепак потребно е да се работи на нешто ново, уникатно, нешто што ќе биде во чекор со современото време, нека е и пресликано од надвор, но адаптирано на нашето поднебје,на нашиот потрошувач, да е поразлично, тоа постојано го повторувам.

Се радувам што имам многу примери, средби, познаства со нови и млади претприемачи кои се храбри и се борат за својата идеја. Има еден нов бран кој ќе ја испише новата економска историја, претприемачи кои се похрабри, кои имаат пошироки видици, кои создадоа нови македонски производи и услуги.

На сите им посакувам многу сила и храброст, да ги издржат препреките и да се развиваат, бидејќи тие се нашата иднина, моторот на економијата и просперитетот на државата.

Да не импровизираат, да учат, да се едуцираат повеќе, да истражуваат, така ќе си го најдат патот до успехот.

Претприемачите мора да се водат и од науката, научните сознанија за тоа како треба да ги постават работите да не импровизираат,велејќи,  а јас ова знам да го правам и тоа е доволно. Не треба да се занемари науката,правилата за поставување на еден бизнис модел, планот исл. како и  искуство од понапредните економии, тоа може само да помогне.

Сите анализи покажуваат дека кај нас има добри идеи, но отсуствува знаењето тие да се комерцијализираат најдобро.И компаниите, иако вложуваат немаат големо знаење и стручност да ги искористат подобро идеите и вложувањата.

Многу е важно да веруваме на младите, да им се даде шанса да покажат што знаат, повеќе да се всади претприемачкото размислување кај нив, уште во образовниот процес, да не биде само потреба да се научи лекцијата по предметот претприемаштво, младите да размислуваат во тој дух од мали нозе, така ќе создаваме и повеќе храбри претприемачи, кои ќе преземаат полесно иницијативи да ги реализираат своите идеи. Да ги насочиме да живеат во тој дух. Мора да разбереме дека само со силно претприемачко општество, можеме да станеме економски посилни.

Мораме да им кажеме дека треба да работат на својата идеја за да ја реализираат и најнапред да направат добар производ или услуга, не да се гледаат веднаш „во облаците“ со многу пари, тие доаѓаат подоцна. Најчесто младите и поради нереалните очекувања се разочаруваат не успеваат и единствено што гледаат  е да заминат од тука, гледајќи се во странство со својот остварен сон.

Мораме да бидеме реални.

Она што ме загрижува е фактот дека  бизнисмените секојдневно се жалат дека младите не сакаат да работат, многу се површни, немаат искуство, не сакаат да се посветат на работата, напротив гледаат се да постигнат со помалку труд, очекуваат брзо голема заработувачка. Иако тоа е одраз на новото време, мораме да ги научиме да бидат повредни и упорни.

Бизнисмените,пак, да најдат начин да ги мотивираат младите работници,да им дадат можност да се докажат преку идеи, иновации, да го извлечат најдоброто од нив,да им дадат доверба на иноваторите кои имаат многу добри идеи и иновации, кои можат да го подобрат бизнисот и да му отворат нови перспективи.Сега, како што стојат работите во компаниите сите вакви иницијативи, со иновативни проекти или се одложуваат засекогаш или комплетно се прекинуваат, што е голема штета.

Да научиме да бидеме претприемачка нација, така ќе имаме поголема армија на македонски производи, повеќе успешни компании и млади претприемачи кои ќе гледаат да се натпреваруваат со своите идеи и производи, а не да гледаат да заминат од државата.

Економијата се бројките, но тие треба да се гледаат подлабоко, зад секоја машина има вработен, на секое биро има човечко битие, да направиме тие да бидат мотивирани работници кои ќе „живеат“ за својата работа, со што ќе даваат додадена вредност на компаниите.

Се радувам што во последните години погласно се зборува за иновации, стартап бизниси, спин оф компании, се создава и стартап сцена, затоа треба континуирана поддршка, финансиска, институционална, медиумска,бидејќи токму од тука произлегоа повеќе нови бизниси кои веќе добро работат.

Позитивната енергија веќе е присутна на стартап сцената, потребни се и поголеми финансии кои ќе овозможат развој. Да направиме сите, да се шири довербата меѓу младите и претприемачите дека и тука може да се успее.

Се чини, немаме друга алтернатива.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!