Минимална плата е лоша стратегија за Македонија

Во Македонија, земјата во која политички консензус е научна фантастика, кога се работи за воведување минимална плата – консензусот е преќутно зацементиран помеѓу сите фактори на политичката сцена. Не постои НИТУ еден политички чинител во Македонија кој се произнесол противвоведувањето на минимална плата. Разликите по ова прашање се само во износот на посакуваната минимална плата – колку еден политичар е подалеку од власт, толку повеќе се залага за ПОГОЛЕМА минимална плата.

Моментално, државно пропишаната минимална нето плата во Македонија изнесува 10600 денари (околу 15000 денари бруто, сосе придонеси). Гледајќи наивно, поддршка за постоење минимална плата е многу безбедна политичка (и морална) позиција, бидејќи звучи како човек да се грижи за најсиромашните и најобесправените. Но тоа е многу еднодимензионален и застарен начин на разбирање на оваа проблематика.

Затоа, во продолжение ќе образложам 3 причини зошто државно регулирана минимална плата е ШТЕТНА мерка за Македонија.

МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НИКОГАШ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОВОЛНА

Без разлика колкав е износот на минималната плата, доколку тој не е еднаков на износот на потрошувачката кошничка – тој износ ќе биде премал за да може да се аргументира потребата од минимална плата како социјална мерка. Моментално, износот на потрошувачката кошничка според пореалистичната проценка на ССМ [1] изнесува 32.000 денари. Просечната нето плата во Македонија моментално е за 10.000 денари помала, што значи дека минималната плата нема теоретски шанси да ја достигне цената на потрошувачката кошничка.

Во вакви услови, аргументирање дека законски пропишана минимална плата некако ги заштитува сиромашните и обесправените е лицемерно, бидејќи очекуваме да преживеат со сума која не е ни 1/3 од сумата што сме пресметале дека му е потребна на едно семејство за да живее достоинствено!

А од друга страна, зголемување на минималната плата-  дури и до нивото на просечната плата во Македонија (22.000 денари) значи осудување 50% од компаниите во Македонија на пропаст. Зошто? Чисто математички, ако 22.000 денари е средна плата во РМ, тоа значи дека отприлика 50% од вработените земаат повеќе од таа сума, а 50% земаат помала сума. Спротивно на она што секојдневно го слушаме од про-социјалистичките трубадури по телевизии, бизнисите генерално не плаќаат „колку што можат пониска плата на работниците да ги експлоатираат“, туку плаќаат „највисока плата која можат да си ја дозволат за да се одржат во работа“. Доколку државата ги примора тие 50% што не земаат просечна плата да исплаќаат повеќе, фактички ќе ги примораат бизнисите да затворат.

ЗАКОН ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА НЕ Е МОЖНО ЕФИКАСНО ДА СЕ СПРОВЕДЕ

Проблемите со владеењето на законите во Македонија се добро познати, и го спречуваат ефикасното спроведување на регулативи како оваа за минимална плата.

Бизнисите кои се свесни дека треба на своите вработени да им плаќаат плата со која тие ќе можат достоинствено да живеат ВЕЌЕ им плаќаат таква плата, без да има потреба на тоа да ги натера државата со законски регулирана минимална плата.

Бизнисите кои мораат да бидат приморани да му платат на своите вработени барем минимална плата веќе одлучиле да ги експлоатираат, и никаква законска регулатива нема да ги поколеба во тоа. Поради лошото владеење на законите, тие можат многу лесно да избегнат реално исплаќање на минимална плата – преку закани до вработените што ќе ги обврзат на молк, па се до враќање на исплатените пари во кеш назад кон работодавачот.

Постои и трета категорија бизниси, која е доста распространета на територија на РМ, а тоа се семејните бизниси – кои се мали фирми кои некој месец едвај преживуваат, а некој месец имаат нешто вишок. Ако државата ги примора ваквите фирми секој месец да исплаќаат минимална плата по секоја цена, во месеците кога им оди лошо ќе мораат да позајмуваат за да ги исполнат обврските кон државата, и на тој начин им се комплицира оперирањето и се доведуваат во ситуација да станат плен на кредитните стапици.

Пропонентите на минимална плата често ги спомнуваат големите фабрики и компании кои имаат многу вработени како пример за ситуација каде работниците се експлоатирани преку плаќање мала плата. Но токму големината на овие трговски субјекти, на мал пазар на труд како во Македонија, ги прави отпорни на државна регулација. Тие лесно можат да ја користат својата профитабилност за да ги корумпираат ионака лошите државни служби кои се одговорни за спроведување на ваквите законски регулативи, и на тој начин да ја одбегнат регулативата (што реално се случува во Македонија)

ЗАДОЛЖИТЕЛНА МИНИМАЛНА ПЛАТА ЛОШО ВЛИЈАЕ ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА

За здрава економија, потребно е да се стимулира создавањето на нова додатна вредност. Тоа најчесто го прават нови фирми, стартапи кои воведуваат некоја новина во нивниот дел од пазарот – а не големи фирми кои веќе си ја одредиле својата позиција на пазарот. За една земја да биде економски просперитетна, нејзиниот пазар треба да стимулира најбезболно можно креирање на нови компании.

Минималната плата има контраефект во оваа смисла. Да земеме еден прост пример – двајца другари сакаат да направат нова фирма. Производот што тие сакаат да го произведуваат ќе треба да се развие и донесе на пазарот, за што тие проценуваат дека ќе им се потребни 12 месеци. Сакаат да работат легално, без да се доведуваат во ситуација да го прекршуваат законот.

Доколку направат фирма, тие од државата ќе бидат обврзани да платат околу 8000 денари за регистрација на фирмата (додуше, процесот е брз). Понатаму, ќе мораат да платат еднократно фирмарина од 5000 денари за да може легално да работат. Државата не им дозволува да работат од дома (ниту да ја регистрираат фирмата на домашна адреса) па ќе мораат да изнајмат деловен простор – да претпоставиме дека нашле нешто за 6000 денари. Во текот на 12 месеци, нив ќе им се потребни 72000 денари само за кирија.

Понатаму, за да ги задоволат барањата на државата за минимална плата, обајцата мора низ фирмата да поминат, секој месец 30.000 денари за минимална бруто плата на двајца вработени. Тоа е годишен трошок од 360.000 денари. Државата им бара да ангажираат книговодител, кој чини околу 2000 денари месечно, значи додатно годишно уште 24.000 денари.

Тоа значи дека денес, во Македонија, ако двајца луѓе имаат добра идеја за што им треба 12 месеци да ја разработат и да почнат од неа да заработуваат, покрај она што ќе го потрошат на опрема и други потребштини за бизнисот, тие мора да имаат:

8.000+5.000+72.000+360.000+24.000 = 469.000 денари, или 7.626 евра!
Од овие средства, 5.853 илјади евра (77%) се само за да го исполнат условот за минимална плата!

Што значи ова? Тоа значи дека цената на деловен неуспех во Македонија е скоро 8000 евра! Тоа значи дека ако некој во Македонија има добра идеја, треба да има и 8000 евра за фрлање за да се обиде да ја реализира. Познавате многу такви?

Е ДОБРО ДЕ, ШТО Е ЗАКЛУЧОКОТ

Минимална плата е само нешто што политичарите и ситните политички полтрони во нивната орбита го користат за да ја замајуваат својата публика. Тие сметаат на човечноста на секој од нас, и ја експлоатираат за да поентираат на тема за која им е јасно дека е неспроведлива онака како што ја продаваат, а онака како што ја спроведуваат е апсолутно штетна за општеството.

Наместо минимална плата, треба да дебатираме за кревање на индивидуалната свест на секој поединец, за секој поединечно да не дозволи да биде експлоатиран. И да ја направиме економската клима во државата таква за да нема луѓе толку очајни за да мораат да прифаќаат низок надомест за да преживеат.

Државно регулирана минимална плата не е одговор.

Петар Котевски
Човек со многу мислења, претприемач и љубител на слободата.

[1] Синдикална минимална потрошувачка кошничка

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!