Finance Think со свои забелешки за планот за економски раст предложен од владата

Владата на Република Македонија ги објави економските мерки во рамки на планот за економски раст. Целта на мерките е да ја зголеми конкурентноста на приватниот сектор, да го забрза економскиот раст и да ја подобри благосостојбата на граѓаните. Мерките се структурирани во три категории: мерки за нови „Гринфилд“ инвестиции и зголемување на конкурентноста на економските субјекти, мерки за поддршка на извозот и мерки за поддршка на мали и средни претпријатија.

Finance Think смета дека мерките ќе дадат позитивен финансиски импулс на компаниите на краток рок. Стратегијата за ориентирање кон извозот, односно создавање нова вредност во економијата преку извоз – би обезбедила подолгорочна стабилност на бизнис секторот. Но, треба да се води сметка и за унапредување на капацитетите на домашните компании од аспект на идентификување потреба и свесност за технолошки развој, иновативност и меки вештини за доближување до капацитетите на странските компании. Ова е важно со цел на среден рок малите и средни компаниите да станат поконкурентни и самоодржливи.

Сепак, со цел ефектите од овие мерки да се максимизираат, Finance Think ги дава следните препораки на носителите на политиките:

Финансиската поддршка за извоз директно да биде сврзана со извозот на финални производи и производи со највисока домашна додадена вредност. Домашната додадена вредност би се пресметала како сооднос на вредноста на инпути купени на домашниот пазар и вкупните приходи на компаниите. Соодветно на тоа, да се издиференцираат неколку групи компании, а износот на субвенциите да биде највисок за компаниите со највисока домашна додадена вредност.

Разликите во бенефициите помеѓу две последователни групи треба да бидат значајни во финансиска смисла, за да создадат поттик за една фирма да се стреми кон повисоката група. Finance Think дава детален преглед на придобивките од мерката за поттикнување на домашната додадена вредност во Брифот за политики број 1, од март 2013 година.

– Дизајнот на мерките ги таргетира успешните компании, кои најверојатно најлесно може да одговорат на критериумите (да ги зголемат приходите, да набават нова технологија, да инвестираат во нови погони или да инвестираат во истражувачки центри). Но, истовремено потребно е да се зголеми поддршката за „можности“ на малите и средни претпријатија. Во оваа група поддршка би биле: градење меки вештини, градење свесност за потреба од нови технологии и инвестирање во технологија преку вмрежување со домашни и странски компании кои се на понапредно технолошко ниво. Една од насоките е финансиска поддршка за менторство и трансфер на знаење од странските компании кон домашните во земјата и/или од домашните поразвиени компании кон помалку развиените.

– Стимулирањето странските фабрики да набавуваат домашни инпути ги надополнува идентификуваните недостатоците од недоволната поврзаност на странските директни инвестиции и домашните компании. Поттикнувањето на поврзувањето на странските инвестиции и домашните компании, ќе ги интензивира бенефитити од трансфер на знаење и технолошки напредок од една страна, а од друга ќе го зголеми производството на домашните компании.

Сепак, потребно е да се размисли и во насока на таргетирање сектори во кои странските компании ќе работат, сè со цел да привлечеме компании кои се најкомпатибилни со доменот на делување на домашните компании и со вештините на слободната работна сила, за поврзувањето да биде поедноставно и со поголеми ефекти. 

Мерката за формирање развојни центри и истражувачки одделенија да биде овозможена и за домашните компании. Или, мерката да предвиди можност за инвестирање во универзални центри за истражување кои ќе можат истовремено да бидат користени од повеќе компании.

– Во процесот на имплементација на мерката за финансиска поддршка на новокреирано високоплатено место, платата да биде утврдена врз основа на систематизацијата на работни места и плати за тоа место. Ова е со цел да се избегне злоупотреба и дискриминација во плата на две лица со исти карактеристики и позиција, но со различни плати заради субвенциите.

– Една од целите на мерките е поттикнување благосостојба на граѓаните. Оттука, да се води сметка за дисперзираноста на инвестициите по региони и посебно помалку развиени места и/или места со висока невработенсот, за бенефитите од подобрувањето на благосостојбата на граѓаните да не што е можно порамномерни.

– Анализата/те според кои се дизајнирани мерките да бидат јавно објавени. Исто така, непосредно пред имплементацијата на мерките да се направи анализа на бенефитите и ефектите од мерките, и соодветно на тоа да се приоритизира распоредот на средства во зависност од резултатите. Ова е со цел да ги избегнеме минатите искуства од слепа имплементација на мерки, кои потоа доведоа до мали или никакви ефекти.

www.financethink.mk

error: Content is protected !!