Расте и извозот и увозот во Македонија за периодот јануари-август 2017 година

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-август 2017 година, изнесува 3 191 856 илјади евра и бележи пораст од 14.1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4 328 869 илјади евра, што е за 9.9% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари- август 2017 година, изнесува 1 137 013 илјади евра. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-август 2017, изнесува 73.7%.

Во периодот јануари-август 2017 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и фероникелот.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

error: Content is protected !!