Рецесијата е горчлив лек кој или ќе се проголта или ни следува полошо

Македонија е и официјално во рецесија. Тоа особено го потврдува фактот дека индустриското производство паднало за над 5%. Ако мислите дека е тоа голема трагедија, многу се лажете! Претходната Влада создаваше вештачки раст со потрошувачка финансирана од надвор, претежно во градежниот сектор, пикајќи партиски фирми, и субвенционирајќи го неисплатливото земјоделие. Денес таквите тендери ги нема, земјоделските субвенции се насочени спрема нови како “пообјективни критериуми и нормално е она што зависело од претходната влада, сега паѓа во вода.

На таквиот оган новата Влада фрли дополнителен бензин, најнапред зголемувајќи ги минималните плати за 30%, а се најавува и зголемување на даноците и придонесите. Сето ова, заедно со официјалниот пад на индустриското производство од 5,3% ја дава комплетната слика за Македонија која накратко гласи: НЕ ИНВЕСТИРАЈТЕ ТАМУ!

Murray Rothbard има одлична идеа како да се надмине рецесијата, и тоа што побрзо, низ примерот на претседателот на САД Warren Harding во 1920 година. Даноците се драстично намалени, некои од нив и укинати, буџетот е намален за над 60%, дозволите за работа се речеси укинати. Тогаш приватниот сектор расте со огрмона брзина. Рецесијата исчезнува за 9 месеци невработеноста за 9 месеци паѓа од 22% на помалку од 9%. Толку!

Нашава влада преку министерот Тевдовски на Телма јасно порача дека ќе го прави обратното: “Ќе ја зголемиме потрошувачката за да создадеме економски раст”. Се поставува прашањето: “Ќе ја зголемат за колку?”

600 милиони евра заем ни треба само за одржување на пензискиот систем и постојното ниво на земјоделски субвенции. Со ова ниво на задолжување, нашиот долг ќе достигне 100% од БДП некаде во 2022/23 година. Но тоа е само математичка пресметка на хартија, додека реалната економија не ја прават само бројките.  Динамиката на отплата на обврските може да стане проблематична и порано, за што постојат реални шанси, бидејќи фирмите се веќе оптоварени со нови давачки. Со тоа не само што е доведен во прашање нивниот раст, за многу од нив прашање е и самото постоење. Со помалку фирми, со помалку плаќачи на данок, отплатата на побарувањата од државата ќе се реализираат се потешко. Затоа, за нас ќе биде особено тежок периодот 2018/2020 година.

Банкротот може да се одложува со зголемување на старосната граница за пензионирање, и со продажба на преостанатиот имот во раце на државата (ЕЛЕМ, МЕПСО итн). Во поново време, банкротите на некој начин се “менаџираат” и со политички пазарења со големите економски сили, како и со големите мулти-национални банки. Но таквите “менаџирања” подразбираат МНОГУ политички услови кои воопшто не се пријатни.

Затоа ПОД ИТНО, Владата мора да отпушти 70% од администрацијата, и нивните средства да ги пренасочи кон пензискиот и здравствениот фонд. Со тоа ќе се укинат придонесите за здравствено и пензиско осигурување, и приватните фирми ќе зајакнат. Старите лица кои го одработиле својот век се поранлива категорија, од партиските џаболебари кои понекогаш не ни знаат што воопшто работат.

– Понатаму, укинување на субвенциите за земјоделие. Земјоделците мора да инвестираат во она што го бара пазарот, во она што се конкурентни, а не државата со кредити да создава илузија дека тие работат добро, задолжувајќи не притоа сите нас.

-Укинување на сите дозволи и одобренија за работа, работни дозволи, лиценци. Секој поединец да може слободно и НЕОГРАНИЧЕНО да се појави како понудувач/инвеститор во БИЛО КОЈ сектор… поготово во енергетиката и финансиите.

Со помали даноци и без придонеси, без дозволи и одобренија, без социјални закони, приватните фирми ќе доживеат фантастичен раст, ќе се зголеми и нивниот број, така што ќе се отвори место и за државните администратори, па и за пропаднатите земјоделци. Од криза се излегува со работа, а не со социјална политика.

Најважно од се, побарувањата од државата нема повеќе да се отплаќаат со кредити од странство, нашите постари граѓани нема да се пензионираат на уште постара возраст. Точно е дека масата административци и пропаднати земјоделци нема веднаш да успее да најде работа, и тоа треба да биде поука… никогаш повеќе економијата не смее да зависи од политичката воља на поединци, никогаш повеќе економијата не смее со кредити да одржува загубари, никогаш повеќе политиката не смее да гарантира сигурни државни фотељи на политички лојалните поединци.

Рецесијата е нормална појава откако државните економски планери ќе доживеат фијаско. Доколку во иднина не сакаме рецесија, треба таквите да ги тргнеме понастрана од економијата, а не да им дозволуваме дополнителни задолжувања за субвенции и тендери кои не носат во уште поголеми долгови.

Рецесијата е непријатен судир со реалноста, таа е како мамурлак после отрезнување … но тоа мора да се случи за да добиеме пазарно ориентирана економија која создава нови вредности, тоа е нормално да се случи кога умира економијата која паразитира врз сите нас.

Лекот навистина горчи, ама мора да се проголта. Оперативниот зафат нанесува болка, ама мора да се изведе за да се спаси организмот. Најголемата трагедија е што нашава Влада ниту спомнува лек, ниту мисли на било каква операција. Нашава влада мисли на опиум кој само може да ни донесе безболна смрт, а такво нешто во економијата не постои.

Виктор Трифуновски

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!