Дали има доволно претприемачи кои би го искористиле евентуалното кратење на даноци и регулативи?

Овде често знаеме да напишеме дека сме за мали даноци и регулативи, со кои бизнисот ќе расте побрзо. Некако забораваме на претприемништвото. После оваа книга (The American Story) , отворено се запрашувам, дали Македонија воопшто има претприемачи кои би ги искористиле ниските даноци и отсуството на регулативи?

Garet Garett вели дека претприемачка култура и филозофија се создавала долги децении пред големиот американски економски скок од втората половина на 19-тиот век.

Во 1835 година, кога францускиот аристократ и патеписец Alexis De Tocqueville, доаѓа во Америка, вели дека никогаш и никаде не видел толкава поплава од идеи, толку многу луѓе преокупирани со изнаоѓање на начин за збогатување.

Скоро и да не било возможно да чуете друг разговор меѓу обичните луѓе, освен правење пари и изнаоѓање начини како тоа да се направи. И тоа траело со децении, децении… можеби и векови.

Луѓето се труделе да совладаат повеќе занаети или науки. На пример, шерифот Ted Garet бил истовремено и ковач, и потковувач на коњи, и сопственик на казино. Неговиот колега Doc Holliday, бил забар, собирал лековити билки, имал сопствен ранч за говеда со касапница и работилница за кожни производи. Славниот Davy Crockett, освен што бил сенатор и поет, бил истовремено и трапер, столар и сервисер на оружје.

Слично било и на полето на науките. Ботаничарите и хемичарите пронаоѓале лекови, физичарите струја и електрични производи, математичарите се занимавале со економија (Menger) и со производство на машини, биолозите ги пронашале вирусите и првите лекови за нив.

amerika19vek__15

Секој гледал да направи пари решавајќи некој туѓ проблем, служејќи им на другите, притоа неретко дури и по цена на професионална мобилност …  од една наука во друга, од еден бизнис во друг. Ваква професионална мобилност, чисто се сомневам дека денес постои.

Општествените теми биле ретка тема на муабет, освен во ерата на граѓанската војна, и неколку години пред и по неа.

Затоа и отворено се прашувам, без однапред да ширам скепса: Дури и да и се случи на Македонија масовно кратење на даноци и регулативи, дали има доволно претприемачи кои тоа би го искористеле? Имаме ли претприемачки фанатици преокупирани со секојдневните човекови проблеми, и како со нивното решавање да се заработат пари?

Ова е добро прашање за средина преокупирана со дневна политика и белосветски трачеви, додека правењето пари и препознавањето на идеи е, или реткост, или ерес.

Добро е барем што живееме во ера на глобализација во која капиталот лесно се сели од една држава во друга… па ако не ние, македонската економска либерализација би ја искористил некој друг.

Виктор Трифуновски

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!