Мотивациски пораки

Во денешно време, каде и да се свртиш, преку Facebook, Twitter, Instagram, Pinterest, YouTube, е-mail, SMS и разни други извори на информации, бомбардирани сме со секакви мудрости, мотивациски пораки, видеа од говорници, паметни изјави од успешни професионалци, предавања и разни други излагања од спортисти, политичари, лидери. Нормално, и денешниот текст што го читате влегува во истата таа категорија.

Од каде и зошто се појавија толку „мудреци” и од каде потребата да се „правиме паметни”, не е тема на овој неделен текст. Можеби во некој од следните текстови повеќе ќе се посветиме на тој тренд. Во суштина, тука прашањето е дали и каков ефект имаат сите тие пораки на читателот, и како да искористиме повеќе од тоа знаење/мудрост за лична корист!?

Според некои истражувања, а и земајќи ја предвид природата и психологијата на човекот, тие и немаат некој огромен ефект (иако можеби си мислиме спротивно). Анализите кажуваат дека од предавањето на некој говорник, предавач ние апсолвираме само 10 -15 % од тоа знаење. Од тоа знаење понатаму е прашање колку ние го надградуваме, и најважното колку од тоа знаење ќе употребиме во практиката (ќе го тестираме каков е ефектот за нас самите). Мотивациски пораки или говорници можат моментално да нè инспирираат и да нè мотивираат, но тие не побудуваат промена во однесувањето (навиките) кај слушателите/читателите за долг рок.

Она што е најважно да знаете, дека од вас зависи дали и колку таа порака ќе направи промена. Изворот, предавачот, информаторот нема доминантна врска (улога) со тоа. Во прилог, неколку совети што може да ви помогнат при подобро филтрирање и искористување на тие информации и начини како тие да се стават во функција:

1.Точна информација: често одбиваме некои информации, бидејќи мислиме дека таа не е точна. Кој може да каже дали нешто е точно или не!? Во денешно време и некои општо прифатени научни докази се сметаат за неточни според некои радикални мислења. Без оглед на изворот (дали ви се допаѓа или почитувате), немојте да земате ниедна информација „здраво за готово“. Ако ви е многу важна проверете ја со уште неколку извори. Или едноставно, видете како ќе ја прифати вашето срце. Почнете со сомнеж и на информациите во овој текст.

2.Отвореност: една од најважните работи што треба да ги имате на ум, со цел да направите правилна селекција на информациите, е првично да бидете отворени кон нив. Сите ние имаме предрасуди. Тоа е факт (можете да го проверите на Интернет или да погледнете во себеси и околу себе). Најголем број од корисните и квалитетни информации ни бегаат од радар само поради тоа што имаме предрасуди кон личноста што ги кажува – жена е, дете е, од друга партија е, конкуренција е, скитник… Немојте уште на почеток да бојкотирате некои информации само поради неприфаќање на изворот. Фокусирајте се на информацијата и дали таа е апликативна за вас во тој момент, за вас и за вашиот развој. Ако има корист, употребете ја. Ако не, избришете ја од мемориската картичка.

3.Инструктор или Гуру: разликата помеѓу овие две титули и тоа што, Гуру е некој што те зема под негова закрила и те води по патот, преземајќи ја целосно одговорноста за тебе. Спротивно на тоа, инструктор е некој што го има знаењето, алатките, техниките и негова работа е на најдобар начин да ти ги пренесе тие знаења. Што ти ќе правиш понатаму со нив, тоа не е негова/нејзина работа. Понатаму сè зависи од тебе. Значи, не барајте некој да ве импресионира со својот шарм, искуство и мудрост, со цел да се поврзете со таа личност, туку гледајте да научите што повеќе техники и алатки кои можат да се употребат кај вас.

4.Брзи резултати: ако некој говорник, предавач или слично, ви каже дека знае техники со кои ќе имате моментални резултати, лаже. Не го слушајте! Земете ги техниките, научете ги алатките, имплементирајте и така со тек на време може да видите резултати. „Диета за само 4 дена”, „стомачни без вежбање”, „брза формула за успех”, „збогатете се за само 7 дена” и други промотивни пораки од овој тип, не се точни.

5.Една порака за сите: следниот пат кога ќе прочитате некоја мотивациска порака со некој пријател, соработник, партнер, немојте да се расправате дали е точна (има влијание) или не. И точна е, и не е. За една порака дали има влијание или не, зависи од личноста, нивото на развој, годините, времето, моментот, индивидуалните карактеристики итн. Не може една порака да има ист ефект кај 2 лица, на ист начин.

6.Имплементација – дури и да слушнете некој докажан експерт, ваш деловен (личен) идол, кредибилитетен извор, кого сакате да го слушате и го цените, како и да ви ги каже најважните информации и мотивациски пораки за вас, ако не ги имплементирате нив, сè ви е залудно. Исто така, често може да си кажеме кога ќе прочитаме нешто, „добро, ова го знам”. Тоа е супер што го знаете, но секогаш кога ќе си кажете така, поставете си го следното прашање, „колку од тоа знаење имплементирам во практиката?!”

Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!