Најкорумпирани во Македонија се политичарите, судиите и здравствените работници

Македонскиот центар за меѓународна соработка го објави извештајот за проценка на корупцијата во Македонија за 2017 година при што се вели дека најкорумпирани во државата се пратениците, министрите, лидерите на политичките партии, судиите, јавните обвинители и вработените во јавниот и здравствениот сектор. Граѓаните се песимисти дека корупцијата може да се искорени.

Извештајот покажува дека тројца од четворица граѓани сметаат оти судиите и јавните обвинители се најкорумпирани, а над 65 проценти од граѓаните ги посочуваат пратениците, министрите, лидерите на политичките партии и локалните лидери за најкорумпирани. Гледано по сектори, на прво место по корумпираност се судовите и обвинителството, а на второ место Министерството за здравство и јавниот здравствен сектор.

Секој петти граѓанин смета дека корупцијата не може да биде намалена, а 46,9 проценти дека секогаш ќе постои, но оти може да биде намалена.

„Сѐ уште има голема неказнивост. Минатата година има само 145 лица осудени и тоа за мала корупција. Мислам дека тоа треба повидливо да се промени. Кога ќе почне да се казнува повеќе, ќе стане јасно дека тоа е недозволиво однесување“, истакна Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Според овогодишните податоци, 36,3 проценти од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок што претставува зголемување во споредба со 2016 година.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!