Како може со 1000 евра да си „безобразно богат“, кога со 500 едвај се преживува?

Обидот на министерот за финансии Драган Тевдовски да и претстави на македонската јавност дека плата од илјада евра е луксуз што треба да се оданочува со 18 проценти, е само обична манипулација во недостаток на видливи економски перформанси.

И Тевдовски и премиерот Заев прогресивниот данок го нарекоа правично оданочување. Премиерот нагласи дека сака правично и фер општество и дека не може некој што земал 10 илјади денари, да плаќа ист данок со некој што зема 10 илјади евра.

Десет отсто данок на 10 илјади денари, се 1000 денари, десет отсто данок на 10 илјади евра се 61.000 денари, па според математиката тие не плаќаат ист данок. Плаќаат данок по иста даночна стапка, а ако некој сака да се бори за фер и правичност, тоа е единствениот можен начин.

Според Тевдовски, тие со плати од над 1.000 евра спаѓале во најбогатите 2 отсто од граѓаните и не биле средна класа. Но во целата весела математика на министерот, загрижува тоа што од друга страна потрошувачката кошничка за задоволување на основните месечни потреби во Македонија во февруари изнесувала 32.383 денари, или над 500 евра.

Со други зборови, со нешто повеќе од 525 евра се задоволуваат основните потреби, а со 1000 евра според министерот, во Македонија си меѓу најбогатите. Тогаш која е средната класа во Македонија? Дали со примања помеѓу 500 и 1000 евра, граѓаните во Македонија може да си дозволат комотен живот, обезбедување на станбено прашање, одмор?

Наместо да се обидува „легално“ да краде од тие што лесно заработуваат, министерот и државата повеќе може да заштедат ако јавните функционери никогаш повеќе не ги искористуваат парите на граѓаните за да си наплаќаат десетици илјади евра за патни трошоци и илјадници евра на сметки за кафиња и вода. Министерот нека најде решение за огромните суми пари за плата од државниот буџет, за луѓе во администрацијата кои седат дома и ништо не работат. И покрај сите такви лукзузирања на функционерите со парите што некој друг ги заработил, државата на крај нема пари за лечење на децата, па повторно граѓаните, кои заработиле премногу, односно околу 1000 евра и се „богаташи“, со СМС пораки мора да собираат средства за да плаќаат лекување.

Она што е обид за манилупација е дека со повисокото оданочување на примањата над 1000 евра и оваа власт сака да претстави дека платата од 20.000 денари е висока, а 12.000 денари е сосема доволна. Политичарите веќе 25 години се обидуваат да го убедат народот дека убаво се живее со минималната плата во Македонија, дека просечната плата е високо достигнување, а платата од 1000 евра, што на Запад е минималец, кај нас е богатство. Истото тоа го прават додека нивните плати се далеку повисоки од тоа, а доаѓаат на грбот на граѓаните.

Во Македонија постои уверување дека луѓето треба да бидат задоволни со малите плати и политичарите редовно ни ја продаваат мантрата дека со заработката од 400 евра кај нас луѓето спаѓаат во средната класа, а всушност тие се сиромашни, споредено со европското друштво, каде што се обидуваме да стигнеме. За македонските граѓани одењето на одмор станува лукзус, додека политичарите редовно шетаат на сметка на истите тие граѓани. За граѓаните со просечна плата, освен плаќањето сметки и купувањето храна, секој друг трошок е болен.

Граѓаните се навикнуваат преживувањето да го нарекуваат живеење, а политичарите тоа го поттикнуваат, бидејќи после, секоја помош од државата може да ја претстават како подобрување на стандардот. Иако парите со кои го прават тоа доаѓаат токму од тие граѓани.

Политичарите се обидуваат граѓаните кои заработуваат доволно за убаво да живеат да ги претстават како лоши, како виновници за тоа што другите немаат. Тие се обидуваат да ги изедначат, но не на начин на кој би работеле да ги збогатат најсиромашните, туку преку земање од тие кои имаат повеќе, во име на борбата за правичност и фер општество.

И додека се споредуваме за даночните стапки со развиените земји, политичарите воопшто не сакаат да споменуваат споредби со висината на платите и животниот стандард во тие земји.

СДСМ додека беше во опозиција редовно и гласно ги критикуваа „мегаломанските“ буџети на ВМРО-ДПМНЕ, кои имале неоправдани трошоци на товар на граѓаните, а сега го изгласаа најголемиот буџет во историјата на земјава. Доколку буџетите претходно беа мегаломански и трошеа неефективно, зошто буџетот за 2018 не е намален, туку зголемен, а сите проблеми со финансирањето остана?

Во одбрана на прогресивниот данок се слушаат стандардните „изговори“, дека така е во поразвиените земји и дека и покрај повисокиот данок, на тие што повеќе заработуваат повеќе пари ќе им останат. Развиените земји, се збогатиле, граѓаните почнале да заработуваат, па вовеле социјални мерки и повисоки даноци. Ние сакаме да станеме развиена земја, со тоа што веднаш ќе ги оданочиме граѓаните кои се избориле за заработка што е под минимумот во тие земји.

А аргументот дека на граѓаните кои ќе плаќаат повисока стапка данок, ќе им останат повеќе пари никогаш не може да има логика. Нормално дека на тие граѓани ќе им останат повеќе пари, бидејќи тие граѓани повеќе заработиле. Не може да градиме фер и правично општество, доколку граѓаните кои работеле и заработиле повеќе ги казнуваме и оданочуваме, за да имаат исто колку тие што работеле помалку. Токму така се гради неправично и нефер општество и се демотивираат граѓаните за работа. Впрочем, доколку зголемувањето на акцизтаа на дизелот имаше за цел да се демотивираат граѓаните од трошењето на дизел, каква цел има зголемувањето на данокот на приход?

И на крај, да не заборавиме, сите овие аргументи и дебати може да траат вечно, но зборуваме за наши пари. Зборуваме за пари кои граѓаните тешко ги заработуваат и се борат со растечкиот државен апарат со цел да обезбедат подобар живот за нив и своето семејство. Додека од друга страна ја имаме државата, која се храни со трудот на тие граѓани и која секогаш ќе биде гладна за повеќе, бидејќи туѓите пари, секогаш лесно се трошат. Државата секогаш сака да се богати на грбот на граѓаните и таа да си ги троши тие пари собрани преку легален рекет.

Наум Локоски (Текстот е изворно превземен од а1on.mk со нивна дозвола)

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!