Што се случува кога стратегијата не е поддржана од културата?

Tекстот е извадок од книгата “Дијамантско лидерство”.

Експертите по организациски менаџмент што ја изучуваат оваа тематика и го познаваат значењето на културата и нејзиното влијание врз стратегијата на една компанија, често викаат дека

„Културата ја јаде стратегијата за појадок“

Со овие зборови сакаат да кажат дека, кога некоја развојна стратегија не е поддржана или усогласена со културата и со однесувањата, шансите за таа да биде успешно имплементирана се намалуваат значително.

Фил  Клотиер,  извршниот  директор  на „Барет“ центарот ова го опишува на едноставен начин:

  • Извонредна култура + лоша стратегија = забава во првите 10 минути и потоа сме без пари.
  • Извонредна стратегија + лоша култура = невклучени луѓе, полни со стрес, кои немаат енергија да ги постигнат базичните работи
  • Извонредна култура + извонредна стратегија = вклучени, енергични луѓе што живеат со заедничка визија и вредности
  • Стратегијата и културата се како два клучни столба што заедно ја носат тежината на една куќа.

    Стратегијата ја дава структурата на зданието, а културата ја дава енергијата потребна да се крене куќата. Едното без другото е она од што патат многу организации.

    Корпорацијата „Македонија“ со години и пред се во овој момент го има, проблемот:

    ●  извонредна стратегија + лоша култура = невклучени луѓе, полни со стрес, кои немаат енергија да ги постигнат базичните работи

    Ќе посочам еден најдиректен пример:

    Развојот на туризмот во Македонија

    • Свесни сме за огромните напори и средства кои во рекламни спотови на скапите светски телевизии ја промовираа Македонија како туристичка дестинација (ова е дел од стратегијата). Инвестирано е во двата меѓународни аеродроми во Скопје и во Охрид. Нискобуџетниот авиопревозник „Виз ер“ (Wizz air) влегува на македонскиот пазар и станува најфреквентниот превозник од и до Македонија, притоа поврзувајќи ја земјата со директни дестинации како никогаш порано.
    • Рекламната кампања, која почна во 2007/2008 година, ги даде првите успешни резултати многу брзо. Според државниот завод за статистика, 2011 година по бројот на туристи била исклучително успешна туристичка сезона. Освен присутните гости од соседните земји, почнуваат да се зголемуваат и бројките на туристи од Европа. Холанѓаните, традиционално најприсутните гости од Западна Европа, повторно во голем број го посетиле Охрид
    • Ќе си речете, па зарем целта не е постигната и стратегијата не е успешна?
    • За момент погледнете која лимитирачка вредност го зазема место во моменталната култура? Еколошка загаденост. Ќеси по полињата, пластика и лименки на плажите на езерата, депонии покрај планинските села и ѓубре без контрола.
    • Холанѓаните се една од водечките нации во светот со најразвиена свест и еколошка култура. Што мислите како нашиот однос кон природата влијае врз холандскиот турист? Како тој нè рекламира кога ќе се врати назад во Холандија? Колкави се шансите повторно да нè посети?
    • Холанѓанецот, Финецот, а богами и многу балкански гости нема да седнат и да пијат вино на два метри од депонија и превртен или запален контејнер
    • Ако ме прашувате мене, лично не би се чувствувал пријатно и не би пиел убаво вино во вакви услови.
    • Едно место подолу, на седмото место е лимитирачката вредност криминал и насилство, која кулминираше со убиство на странски турист (српски граѓанин) во Охрид во сезоната 2010- та. Одекот од самиот чин на неговото убиство и од последователниот судски процес драстично влијаеја врз намалувањето на бројот на српските посетители (кои се инаку најмногубројни од балканскиот регион).
    • Не разбирајте ме погрешно, ја познавам јас својата земја и убавините и магиите што ги нуди таа, но сепак сето ова го обезвреднува македонскиот туризам и, наместо максимално да профитираме од стратегијата и од дојдените гости, само поради нашите лимитирачки вредности и однесувања (ова е културата), одличната петка (5) станува тројка (3).
    • Крајната математика повторно е во парите. Наместо да си ги наплатиме услугите со 5 ѕвездички, поради нечистотијата, нехигиената и преостанатите лимитирачки однесувања, тие чинат многу поевтино.
    • Според некои, 2013 година се оценува како една од најнеуспешните сезони во Охрид во изминатиот период.
    • Ова е пример како културата ни го јаде профитот и ја руши стратегијата во доменот на туризмот.

    Виктор Куновски

    Текстот е извадок од книгата Дијамантско Лидерство.
    Книгата може да ја добиете директно по пошта на било која адреса во Македонија по цена од 500 ДЕН. Доколку сте заинтересирани кликни за повеќе инструкции.

    Истата е достапна во следниве книжарници:

    Табернакул – Скопје.
    Или – Или – Скопје.
    Концепт 37 – Скопје
    ТРИ – Градски Трговски Центар – Скопје

    error: Content is protected !!