Пресконференција – „На Македонија и се потребни технолошки паркови“

На денешната Прес конференција на Сојуз на стопански комори (ССК) предводена од извршниот директор на ССК, Митко Алексов, се дискутираше за потребата за отворање на технолошки паркови во Македонија, предностите кои ќе произлезат со отпочнување на работењето на истите, и искористувањето на поволностите кои технолошките паркови ги нудат.

Технолошки парк е област планирана за целите на индустрискиот развој на државата и обично се наоѓаат на границите од главната населена средина во градовите или надвор од неа. Тие се обезбедени со добар транспортен пристап, вклучувајќи патишта и железнички пруги, а исто така се снабдени со одлична мрежна интернет конекција.

Технолошките паркови се важни за опстанок и развој на современите индустрии. Нивниот развој за македонското стопанство е од посебна важност, затоа што ги поттикнува малите и средни компании ориентирани кон високи технологии, го забрзуваат процесот на современото претприемништво, го овозможуваат растот и развојот на старт ап бизнисите, и допринесуваат за стопански развој базиран на знаење. Сето тоа ќе води до зголемен економски раст, зголемен извоз, намалување на невработеноста и повисок животен стандард.

Имено, технолошките паркови во светот се двигатели на економиите во државите, и својствено за истите е фактот дека во секој парк, се стационирани моќни технолошки компании, кои што регрутираат работници од сите профили.

„Доминација добива знаењето и иновативноста за сметка на суровините, енергијата и физичката работна сила. Со примената на нови технологии: микроелектроника, оптичка електроника, биотехнологија, нано материјали, автоматизација, ИТ, генетски инженеринг, се менува начинот на производство, се подобрува квалитетот на производите, се зголемува продуктивноста на трудот, се намалуваат трошоците за производство, и се придонесува кон поздрава животна средина. Сметаме дека треба напорите да ги насочиме кон етаблирање на вакви паркови во нашата држава, кои ќе претставуваат средина која ќе привлекува домашни и странски инвестиции“, истакна Алексов.

Дополнително, технолошките паркови во Европа имаат поволни даночни ослободувања, привлекувајќи странски и домашни инвестиции водат кон поголем економски развој, креираат нови работни места, и го зголемуваат БДП на секоја држава. Една од предностите на технолошките паркови е ослободување од царина за увоз на стоки наменети за капитални инвестиции.

Технолошките паркови претставуваат почетен стимул за сузбивање и надминување на т.н технолошки конзерватизам и инерција. Реструктуирање на постојните капацитети е сложен, тежок и долготраен процес, кој наидува на отпор од веќе постоечките технологии, стари кадри и воспоставените деловни односи. Со воспоставувањето на вакви технолошки паркови, Македонија ќе биде забележана како држава која вложува во своите капацитети и држава која цели кон привлекување на странски и домашни инвестиции, за унапредување на деловната клима, и обезбедување на посигурна иднина на граѓаните.

error: Content is protected !!