Компаниите со повеќе жени во менаџментот имаат дури 41% поголем поврат на капиталот
Иако живееме во 2016-та година, вработувањето жени и нивната еднаквост на пазарот на труд и понатаму е релевантна тема, да не кажеме и нужна. Состојбата е, секако, многу подобра отколку пред неколку декади и со сигурност се поправува од година во година, ама сè уште не е на нивото на кое што би требало да биде.
Колку е важна темата од економска перспектива, говори и тоа што со неа многу детално се бават речиси сите најважни светски консултантски компании. Всушност, установено е дека и денес има многу малку жени во бизнисот, особено на водечките позиции. Исто така, бројни податоци покажуваат дека ако има поголем број на жени на водечките позиции (т.е. одреден ‘gender balance’) тоа позитивно ќе влијае на многу мерливи параметри за финансиската успешност на компаниите.
Од перспектива на лидерството, поразличните тимови носат поголема разноликост во мислењата, што како последица носи подобри резултати.
Еве само неколку аргументи за вклучување на жените на водечките позиции според истражувањето на McKinsey:
1. Зголемување на учинокот на компаниите – истражувањата покажуваат подобри финансиски резултати, како и насоченост на жената кон управување и контрола на ризикот.
2. Огледало на пазарот- спрема последните проценки, жените контролираат 70% од одлуките за потрошувачка на светскиот пазар. Поради тоа имаат поширок увид во однесувањето и изборот на потрошувачите, кога се на високи позиции.
3. Подобар квалитет во процесот на одлучување – со комплементарни знаења, вештини и искуство, жените придонесуваат со креативност и иновативност во компанијата. Хетерогената управа ќе донесе одлуки што се темелат на проценки на повеќе алтернативи отколку што тоа го прават хомогените тимови.
4. Повисок степен на квалитет на корпорациското управување и етика
5. Подобро искористување на талентите – 60 % од дипломираните луѓе во ЕУ се жени. Со оглед на стареењето на популацијата, недозволиво е недоволно искористување на талентите на жените. Ако 50% од потенцијалот е занемарен при изборот на кадар за високите позиции, квалитетот сигурно ќе биде компромитиран.
Истражувањата правени во компаниите од 2003 до 2007 година, покажале дека тие со поразнолики тимови (кога станува збор за полот) имаат во просек 17% поголем раст на цените на акциите и речиси двојно поголем износ на EBIT, што е секако причина да се посвети уште поголемо внимание на оваа тема.
Во продолжение, истражувањето од 2009 година, покажало дека компаниите со повеќе жени во менаџментот имаат 41% поголем поврат на капиталот во споредба со тие што имаат само мажи. Тоа само ги потврди резултатите на Catalyst од 2004 година, што спроведе истражување во компаниите од ранг-листата Fortune 500 и доби слична разлика од +35% корист на тие што имаат повеќе жени.
Истражувањата од последните години исто така ги потврдуваат горе наведените заклучоци. Истражувањето од 2012 година, од Credit Suisse, кое беше спроведено во повеќе од 2000 компании од 2005 година, потврди дека компаниите кои имале барем еден женски член во управата, во споредба со тие што немале ниту еден, биле поуспешни за 26% во поглед на движењето на цената на акциите. Таа разлика станала најочигледна околу 2008 година, кога започна глобалната финансиска криза. Дополнителните анализи покажале дека компаниите кои имаат жени во управата, имале раст на нето профитот од 14%, во споредба со компаниите без жени кои имале раст од само 10%.
Тие иницијални податоци доволни се за уште еднаш да се запрашаме кои се наредните чекори што би требало и би можеле да ги направиме за да ги изедначиме мажите и жените на пазарот на трудот и за да се намали половата дискриминација. Ова може да се започне преку огласите за вработување, при што ќе биде назначено дека огласот е и за жени и за мажи, ама тука сигурно не може да се застане.
Колку е доминантно влијанието на машкиот ориентиран модел за успех и колку се ограничени амбициите на жената затоа што е свесна за различните бариери на коишто ќе наиде во кариерата, се прашања за кои во наредните години сигурно многу повеќе ќе се расправа.
Меѓутоа, нивното потенцијално големо влијание на глобалниот раст ќе нè примора да направиме пат што ќе ѝ го олесни на жената постигнувањето успех во работата.
Сите наведени истражувања и факти се на глобално ниво, ама добро се рефлектираат и во Македонија, со неколку години закаснување. Состојбата кај нас ќе напредува, следејќи ги светските трендови, ама добро е да се знае дека и на нашето локално ниво се јавуваат поединци и иницијативи што активно се занимаваат со овие прашања.