Могерини: На ЕУ и се потребни имигрантите поради економијата

Инаку Европа е единствениот континент во светот каде што повеќе луѓе умираат, отколку што се раѓаат на годишно ниво. Оттука “љубовта” на ЕУ за имигрантите.

На Европската унија имигрантите и се потребни поради економијата, а мигрантската криза Стариот континент ќе успее да ја надмине само со меѓусебна соработка, и  без градење ѕидови, изјави во средата во ЛА Валета на Малта високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

На Малта во средата Федрика Могерини го отвори  состанокот Европа – Африка за имигрантската криза, а потоа присуствуваше на свеченоста на врачување дипломи за 89 припадници на либиската крајбрежна стража кои учествувале во поморската операција на Европската унија против криумчарите на имигрантите од брегот на Либија под називот „Софија“.

„Мислам дека Европејците треба да сфатат дека имигрантите ни се потребни поради економијата“, имајќи го предвид стареењето на европската популација, порача Могерини.
„Африка би требало да води сметка за тоа колку чини трговијата со човечките животи и колку човечки животи се изгубени“, додаде шефицата на европската дипломатија, потсетувајќи  дека 4.500 лица, повеќето од африканските земји, загинале или се сметаат за исчезнати на морето во текот на обидите да дојдат до италијанскиот брег само во текот на изминатата година. „Со миграциите може да се управува само преку соработка и партнерство“, истакна Могерини.

„Во светот има и такви кои вршат притисок и се залагаат за поинаков пристап… пристап кој би се темелел на градење ѕидови, а не на градење партнерства“, додаде Могерини, очигледно алудирајќи на американскиот претседател Доналд Трамп поради неговата иницијатива за подигнување ѕид кон Мексико и привремената забрана за влез во САД на државјани на седум муслимански земји, иако Могерини директно не го спомена.

„Тоа не е европскиот пат. Европа не ги затвора вратите и тоа нема никогаш да го прави, но мораме да им ставиме крај на трагедиите кои се случуваат на морето и во пустините, бидејќи луѓето и натаму секојдневно умираат“, додаде Могерини.

Извор: energypress

error: Content is protected !!