Основан е најголемиот европски фонд за ризичен капитал наменет за стартапи

Ко-основачот на Skype, Niklas Zennström, објави дека собрал 765 милиони долари во најголемиот европски фонд за ризичен капитал наменет за финансирање на стартапи.

Се работи за фондот Atomico IV кој во следните три до четири години парите ќе ги вложува во 25 најперспективни стартапи во нивната рана фаза на развој, но и во веќе етаблирани компании кои ја “преживеале” почетната фаза и го докажале својот потенцијал. Како што пренесува Reuters, Atomico IV е за 60% поголем од претходниот фонд кој беше основан во 2013 година. Инаку, Atomico има седиште во Лондон, а во изминатите 10 години има инвестирано во повеќе од 60 стартапи. Меѓу првите го има препознаено потенцијалот на двете фински компании за развој на игри Supercell и Rovio Entertainment кој стои позади мегапопуларната игра Angry Birds.

Од Atomica IV веќе девет стартапи добиле пари, меѓу нив е и Scandit од Цирих кој е фокусиран на развој на софтвер за скенирање на бар-кодови, а додека Lilium Aviation што се наоѓа во близината на Минхен и развива “летечки автомобили”, електрично летало со можност за вертикално полетување. Како што тврди Niklas Zennström, главна причина зошто поголемиот дел од стартапите од Европа не израснуваат во големи технолошки компании како што е случај во САД е недостатокот на ризичен капитал.

Имено, европските стартапи често ги купуваат поголемите компании, додека американските ривали доаѓаат до фазата за собирање додатен капитал на берза. Да се потсетиме Zennström во септември минатата година изјави како верува дека следниот Facebook ќе дојде од Европа. Како што изјави за Business Insider, парите за Atomico IV се собрани од богати поединци и од пензиските фондови ширум европа (замислете македонските пензиски фондови да инвестираат во вакви фондови, знам добар виц, додуша тие ниту знаат дека постои нешто што се вика ризичен капитал). “Кога европските пензиски фондови би ги алоцирале само 0,5% од своите средства во ризичен капитал, капиталниот јаз би исчезнал” оценува Zennström

error: Content is protected !!