Во ветерниот парк „Богданци“ ќе се инсталираат уште 6 ветерни турбини

Во првите десет месеци на 2016 година од обновливи извори се добиени 295 гигават-часа, од сонце преку фотонапонските централи се добиени 22 гигават-часа, од ветерната централа 82 гигават-часа, термоцентралите на биогас произвеле 29 гигават-часа. Но во блиска иднина се очекува зголемување на производството на струја од обновливи извори на енергија, но пред се од ветер, за што во Македонија постојат неколку добри локации за таа намена.

Досега во ветерниот парк  „Богданци“ се инсталирани 16 турбини со моќност од 36,8 мегавати. За докомплетирање остануваат уште 13,8 мегавати или поставување на уште 6 турбини со моќност од по 2,3 мегавати. За ова е неопходна инвестиција од 24 милиони евра од кои 18 милиони евра кредит, а останатите од сопствени средства на АД ЕЛЕМ.

Во 2014 година од овој ветерен парк биле добиени 41.553 мегават часови електрична енергија, а биле планирани 33.048 мегавати што е за 25,74 отсто повеќе од планираното. Во 2015 година се реализирани 120.768, наместо планираните 95.544 мегават часови или има натфрлање за 26,4 отсто, а во 2016 година произведени се 109.458, а биле планирани 103.848 мегават часови, односно за 5,43 отсто повеќе од планираните.

Во првите три месеци од годинава производството на електрична енергија во ветерниот парк изнесува 28.066 мегават часови или за 14,87 отсто повеќе од планираните 24.432 мегават часови.

„Од самиот почеток на работата на ветерниот парк Богданци прогнозираното производство  на електрична енергија е надминато за 25 проценти. Резултатите кои се постигнати ги сметаме како извонредно добри и успешни и придонесуваат позитивно во тековната ликвидност на компанијата. Тоа ни дава надеж за реализација на втората фаза, но и за имплементација на слични проекти во околината на Богданци и на други територии во Македонија“, изјави генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски по посетата на Ветерниот парк.

error: Content is protected !!