Македонка на 14 години е успешен претприемач со козметичка линија
Изабела Дималовска на само 14 години успеа да направи свој бизнис и да стане претприемач. Нејзиниот козметички бизнис веќе трета година успешно се пробива на пазарот, а светските медиуми ја прогласија за една од најмладите бизнис девојки на денешницата. Во 2016 година беше избрана за една од 40-те најуспешни Македонци под 40 години.
По потекло е од Битола и мариовското село Полчиште, а живее во Австралија каде што во 2015 година ја лансираше својата козметичка линија „Luv ur skin”, наменета за тинејџерки и девојчиња од 8-15 години. За козметиката почнала да се интересира уште од осум години, а тоа што не смеела да ги употребува продуктите за убавина кои ги користела нејзината мајка ја натерало да направи своја линија, која ќе може да ја користат и девојчиња.
Дел од колекцијата „Luv ur skin” се лосиони за тело, сјаеви за усни и лакови, а сите состојки кои ги употребува за да ги направи се природни и одговараат за секој тип на кожа. Најтешко и било да ги убеди возрасните дека има добра идеја за бизнис, бидејќи никој не ја сфаќал сериозно.
„Одев на состаноци постојано и сите ме потценуваа. Секогаш и се обраќаа на мојата мајка наместо на мене, но откако ќе прозборев сфаќаа дека јас сум главна“– вели Изабела.
Минатата година се пријавила на телевизиско шоу за претприемачи каде што била најмладата бизнисменка која некогаш учествувала. Од менторите и финансиери на шоуто побарала 65 000 долари за нејзината идеја, но ја одбиле поради нејзината возраст. Сите членови на жирито биле воодушевени, а подоцна менторот Ендру Бенкс и помогнал козметичката линија да ја лансираат низ 370 салони за убавина, парфимерии и продавници за козметика низ Австралија, пренесува порталот Македонија Денес.
Текстот е дел од авторскитe текстови од фељтонот “Македонци успешни во светот” креирано од порталот Македонија Денес.
Погледнете го видеото за неа