Доаѓа крајот на евтината работна сила во средна и источна Европа!
Средна и источна Европа се соочуваат со завршување на една економска ера, која беше одбележана меѓу останатото и со евтината работна сила, па странските инвеститори во долгорочна перспектива, би можеле да идат се повеќе на исток и на југ (Македонија, Србија… се дел од југоисточна Европа) покажува најновата анализа на агенцијата Reuters.
Со рекордно висока стапка на вработеност и барања на работниците за плати кои ќе бидат блиску до нивото на западните држави, таквиот модел на евтина работна сила кој го поттикнуваше економскиот раст од падот на комунизмот во регионот полека иде кон својот крај.
Предизвиците со кои се соочуваат владите и компаниите во регионот во следните години, да изнајдат нови начини на кои ќе се постигне економски раст.
Штрајкот на работниците во фабриката на Volkswagen (VW) во Братислава минатиот месец, прв штрајк во голема автомобилска компанија, резултираше со забележлив 14% раст на платите што е најнов и најсилен знак за промените во економското опкружување.
VW е меѓу десетиците големи западни произведувачи на автомобили кои го отвораа патот за Словачка, Чешка, Полска и Унгарија после падот на комунизмот во потрага за евтина работна сила.
Хроничниот недостиг на работници поттикнува раст на платите
Продорот во земјите кон истокот го обележа зачетокот на економскиот модел кој го трансформираше тој регион. После четврт век регионалниот пазар на работна сила се исцрпи, и при тоа стапките на невработеност во тој регион паднаа на рекордно ниско ниво од 3 до 7%. Како резултат на тоа, платите на работниците растат побрзо отколку на запад, предводени на чело со Унгарија каде платите, во Март на годишно ниво пораснаа за 12,8 %.
Zoroslav Smolinsky, синдикалниот застапник во фабриката на VW во Словачка, кој организираше штрајк, во производствените погони започнал да работи во 1992 година, кога фабриката само што ја зема германски Volkswagen (Знаете во Македонија кој ги превзема фабриките и како завршија поголемиот дел од нив во деведесетите години). Во тоа време, тој добивал месечна плата во противвредност од 75 евра. “Моравме да живееме со тие пари” ќе додаде тој. Денеска 25 години подоцна 12 300 работници на VW во просек заработуваат по 1804 евра месечно! Тие се платите кои и понатаму остануваат за 50% да бидат помали од германскиот работник што работи во VW во Германија. Тој истакнува како големиот јаз во платите веќе не може да биде оправдан. (А колку беа платите во Македонија и за колку пораснаа за овие 25 години особено во големите приватизирани компании е уште една посебна тема).
“Времињата се променија” кажува овој сега возрасен 48 годишен маж. “Во Европска унија сме и мораме да бидеме во чекор со трендовите и прогресивно да го намалуваме тој јаз”
Освен VW и останатите произведувачи на автомобили се соочени со растечки трошоци за работна рака и негодувања од страна на вработените. И францускиот произведувач Peugeot и јужнокорејската Kia ги покачија платите оваа година во Словачка, додека Audi и Mercedes се соочени со закани од штрајкови во Унгарија. Ваквите потези на произведувачите на автомобили, особено се значајни затоа што автомобилската индустрија го сочинува лавовскиот дел од странските инвестиции во средна и источна Европа. Компаниите на VW се најголеми компании во Словачка и Чешка, додека Словачка стана најголем произведувач на автомобили по глава на жител, со производство на повеќе од милион автомобили годишно.
Нови дестинации- Турција, Северна Африка …
Renaissance Capital, која се занимава со инвестициско банкарство со седиште во Москва, истакнува како странските инвеститори нема да се откажат од постоечките проекти во тој регион, но дека новите инвестиции најверојатно ќе отидат на други дестинации.
“Никогаш повеќе средна Европа веројатно нема да го нуди тоа што го нудела во текот на 1990-тите, напишаа во својот извештај за клиентите.
Компаниите преземаат чекори за да ја подобрат продуктивноста со методи како што се поголема автоматизација со цел компензирање на растечките трошоци, објаснуваат извршните директори, креатори на политики и аналитичарите. Долгорочно гледано некој од нив можат да отидат во други земји во потрага по евтина работна сила.
Во Renaissance Capital се на мислење дека инвеститорите во потрага за евтина работна сила на крајот својата шанса ќе ја бараат во земјите на Југ и Исток (географскиот дел на кој што се наоѓа и Македонија).
“Кога повторно деловната доверба во Европа е на високо ниво, мислиме дека новиот бран на експанзија во инвестирањето ќе ги зафатати Турција и земјите на Јужниот Медитеран” додаваат во белешките наменети за нивните клиенти, а меѓу останатите дестинации се истакнуваат и Мароко, Тунис, Египет, а можеби и Украина и Иран. (Со оглед дека Македонија, Србија и уште неколку држави од Балканот имаат далеку поевтина работна рака од Турција а се многу поблиску до Западна Европа за разлика од Турција или северните држави од Африка за очекување е дека следниот инвестициски бран од автомобилската индустрија ќе го зафати и овој регион).
Европјани од “втор ред”
Разликите во плати се истакнуваат помеѓу најголемите проблеми со кои се соочени општеството и политика во тој регион на средна Европа. Помеѓу Полјаците, Чесите и Унгарците преовладува впечаток дека од западна Европа ги доживуваат како Европјани од “втор ред”. Политичарите озбилно ги примија таквите поплаки и упатија апели за подобри плати на работниците. Словачкиот премиер Rober Fico го подржа штрајкот на работниците во VW, а во Чешка социјалдемократите што се на власт на големи плакати пред изборите во октомври истакнаа “Крај на евтината работна сила”.
Меѓутоа, политичките и синдикалните водачи кои се стремат на усогласување на висината на платите со оние на запад мораат да пронајдат алтернативни патишта за економски успех. Клучно, а со тоа многу се сложуваат, е индустријата да се подигне во ланецот на создадена вредност во областите каде има повисока додадена вредност.
Големите произведувачи делат мал дел од својот приход со вработените во средна и источна Европа во однос на западна Европа. На ниво на ЕУ платите во просек сочинуваат 47,5% од БДП, покажуваат податоците од евростат, додека тој удел достигнува 50,9% во Германија, а во Чешка се спушта на 40,4%.
Но, работниците во средна и источна Европа помалку се продуктивни. Според податоците на OECD за саат работа во Германија се произведува 52,7 евра германски Бруто Домашен Производ, а во Чешка само 19,4 евра. Тоа се должи затоа што многу чешки компании произведуваат компоненти кои носат ниска додадена вредност а не готови производи кои носат повисока додадена вредност и секако повисоки профити.
“Не само што сме економија со евтина работна сила туку и економија со ниски трошоци” изјави Radek Spicar потпретседател на чешкото здружение за индустрија.
Исто така ние сме “снабдувачка” економија, дел од глобалниот производен ланец со мал удел во готовите производи истакнува тој.
Политичарите посакуваат вложување во секторите кои носат повисока додадена вредност.
“Мораме да се тргнеме од економскиот модел кој се темели на економија со ниски трошоци и да се префрлиме на производство со повисока додадена вредност” рече Michal Picl главен во оделот за анализи во канцеларијата на чешкиот премиер.