Finance Think став бр.24 за предвиденото зголемување на пензиите

Согласно член 37, став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, пензиите се усогласуваат со номиналниот раст на економијата:

Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на вработени во Република Македонија во висина од 50%.

Finance Think укажуваше, во повеќе наврати, дека зголемувањето на пензиите над износот на номиналниот пораст на економијата ја загрозува одржливоста на јавните финансии и доведе до тоа скоро половина од пензискиот дефицит да се финансира од општото оданочување, односно преку трансфер од централниот во пензискиот буџет. Во 2017 година, централниот буџет ќе префрли во пензискиот буџет околу 463 милиони евра, што значајно го надминува износот на буџетскиот дефицит (303 милиони евра).

Оттука, предвиденото зголемување на пензиите согласно член 37 од погоре-споменатиот закон е коректен потег.

Согласно расположливите индикатори од Државниот завод за статистика:

  • Порастот на номиналната плата за периодот јануари-јуни 2017 во однос на периодот јули-декември 2016 година изнесува 0,7%;
  • Порастот на трошоците на живот за периодот јануари-јуни 2017 во однос на периодот јули-декември 2016 година изнесува 0,9%.

Оттука, пензиите би се зголемиле за 1.6%.

Просечната пензија од 15,173 денари ќе порасне за месечен износ од 247 денари и ќе изнесува 15,420 денари, додека максималната пензија од 48,174 денари ќе порасне за месечен износ од 785 денари и ќе изнесува 48,959 денари.

Со цел да не се стимулира доходна нееднаквост помеѓу пензионерите и во економијата воопшто, Finance Think предлага погорното законско решение да се промени и вкупниот износ наменет за зголемување на пензиите подеднакво да се распоредува помеѓу пензионерите.

error: Content is protected !!