Макпрогрес од Виница ја купи Дониа од Прилеп

Не е честа појава македонска компанија да купи 100% од друга македонска компанија, со цел окрупнување и зголемување на капацитетот. Но и тоа се случува имено, македонскиот производствен гигант на кондиторски производи Макпрогрес ДОО од Виница потпиша договор за 100% преземање на кондиторската фабрика Дониа, со седиште во Прилеп, соопштуваат од компанијата.

Преземањето на кондиторската фабрика Дониа со својата палета на препознатливи бонбони, бисквити и кекси со врвен квалитет, претставува зајакнување на брендираниот асортиман на Макпрогрес и додатен импулс во интернационализација на бизнисот. Асортиманот на Дониа е присутен на македонскиот пазар, а половина од неговото вкупно производство се извезува на пазарите вон регионот.

“Понатамошниот развој на компанијата и производите во асортиманот бараат значителни инвестиции и во тој поглед Макпрогрес е сериозен соговорник кој ја разбира природата на нивната работа, начинот на кој работат, вредноста на брендовите, но и потребата од континуирано вложување во нови и подобрени развојни линии. Макпрогрес како стратешки инвеститор совесно ќе управува со брендовите на Дониа, ќе работи на развивање на продуктното портфолио и ќе ги унапредува пазарните позиции“, изјавија од Макпрогрес.

Макпрогрес детерминирано ќе се труди да ги зголеми интернационалните потенцијали на Дониа, чиј асортиман е исклучително комплементарен со асортиманот на брендот Vincinni и со помош на својата дистрибутивна мрежа и бескомпромисна определба за врвен квалитет, ќе овозможи конкурентност на пазарниот натпревар во глобални рамки, што отвора огромен простор за значителни синергии и унапредување на позицијата на сите брендови во продуктното портфолио.

“Производите на Дониа се вистинска скапоценост во кондиторското производство и амбасадор на квалитетот на автентичното домашно производство на светскиот пазар. Овој бренд има значителен развоен потенцијал и со тоа оваа интеграција ги опфаќа двете цели дефинирани во развојната стратегија на Макпрогрес – ширење на брендираното портфолио и интернационализација на бизнисот“, додаваат од Макпрогрес.

error: Content is protected !!