Мерките за привлекување странски инвестиции се трошок кој мора да се поднесе
Препорака за идните чекори
Очигледно е дека разните стимулативнии мерки наменети за странските инвеститори се присутни во повеќето пост-транзициски економии (и не само кај нив) и тоа уште многу одамна. Доколку Владата ја задржи оваа стратешка определба, таа ќе мора дa изгради и разумна стратегија за привлекување на инвеститорите, со соодветна трошочна ефективност, еднаков однос кон сите и високо ниво на транспарентност.
Следејќи го примерот на поуспешните, потребно е да се дефинираат критериуми и нивоа на помош за странските инвеститори во приоритетните сектори кои би ги исполниле овие критериуми. Не е спорно дека Владата може да задржи и одреден степен на слобода за посебно значајни инвеститори, но не можат сите инвеститори да се третираат како такви. Колку е повисоко нивото на транспарентност, толку ќе ѝ биде полесно на самата власт, бидејќи со дефинирани критериуми и транспарентни договори таа ќе ѝ ги одземе адутите на опозицијата за напади врз неа. Реално зборувајќи, бројките што ги соопшти сегашната власт за доделената помош во изминатите години и не се многу фрапантни, но самиот факт што податоците биле криени од јавноста го подгрева сомнежот во исправноста на постапките и создава материјал за критики и осуди.
Неоспорно е дека затекнатите договорни обврски со постојните инвеститори ќе мора да се почитуваат до крај. Во спротивно, правните последици од тоа би биле помалиот проблем, а многу поголем би било нарушувањето на имиџот на земјата како пријателски настроена кон странските инвеститори.
Власта не смее да ги повтори грешките што ги правеа претходните гарнитури од оваа партија во минатото. Како што реков на почетокот, претходната власт постави нови стандарди на ова поле, како во позитивна, така и во негативна смисла. Сега ќе треба да се задржат добрите практики, со следење на примерот на гореспоменатите земји, избегнувајќи да се влезе во замката на понизната издашност кога станува збор за субвенциите за странските инвеститори. Клучните принципи треба да бидат приоритизација, еднаквост и транспарентност, постојано имајќи ги државните, а не партиските интереси на прво место, со конечна цел да се постигнат економски ефекти, наместо скапо платен популизам.
проф. д-р Сашо Арсов
(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)
*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
[yop_poll id=”4″]
