Да беше нашата држава приватна компанија дали ќе се однесуваше вака?

Често се среќавам со претприемачи од различни професиии (индустрии) ИТ, прехранбена, хемиска, финансиска итн. И од сите нив без разлика од која гранка доаѓаат може да извлечете најмал заеднички содржател (НЗС).

А НЗС е соочувањето со закони од СФРЈ или закони што на Запад не постојат а кај нас постојат, единственото нивно постоење е за да се кочат претприемачите, за да може државата со разни дозволи, регулативи и закони да си бира подобни компании (знаете што мислам) кои со такви регулативи и закони ќе бидат на некој начин монопол.

Да се разбереме уште на почеток, под претприемач не подразбирам човек кој направил бизнис со криминал, со помош на партија или со фаќање врски. Е сега, не дека претприемачите не се обидуваат да изменат некои закони и регулативи со кои ако ништо друго барем би имале иста законска рамка како со компаниите од Запад.

Но очигледно без разлика кој е на власт на одредени луѓе не им одговара да се менуваат состојбите. А заложници се 95% од претприемачите па ако сакате и обичните луѓе зошто сепак тие работат кај претприемачите и бизнисмените.

Е сега да имате приватна компанија дали би дозволиле да имате незадоволни клиенти? Претпоставувам секој разумен човек ќе одговори НЕ. Затоа што ако не сте вие, кај некој друг ќе ги остават своите пари.

А државата во која живееме се однесува спрема нас како некој монопол, луѓето и компаниите даваат пари (даноци), а не се задоволни од услугите што државата ги дава. Но тоа нешто државата не ја потресува многу.

И затоа многу луѓе и компании решаваат да ја сменат македонската “компанија” наречена Република Македонија и фаќаат магла да работат или да отвараат компании во држави каде што се ценат парите што ги даваат луѓето и претприемачите и за тие пари државата им обезбедува соодветен систем и услуга. И кога имаш задоволни компании и луѓе многу е нормално да нема иселувања. Кој бега од убаво?

Во Македонија се е некако обратно, на некои листи за водење бизнис сме на врвот а колку се реални тие листи, ако лично треба да завршите некоја работа низ ходниците на македонската јавна администрација, ќе сфатите дека тие листи се добар виц или приказна за мали деца.

Може државите не пропаѓаат баш како компаниите кога даваат лоши услуги, но државите стануваат нешто друго а тоа е можеби и полошо од пропаѓање, односно стануваат мизерни.

А мизерни држави не можат да донесат просперитет за своите граѓани и компании.

Заклучокот е дека компаниите и луѓето во Македонија плаќаат даноци за да добијат мизерна услуга односно да живеат во мизерни услови. А се може да биде поинаку ако се слуша гласот на тие што ги даваат парите, во овој случај луѓето и компаниите.

Прашај паталец е не гаталец. А има ли поголеми паталци од обичните луѓе и претприемачите кои секојднено се судираат со неефикасна администрација, лошите закони, регулативи итн.

Или почнете да ги слушате паталците или очекувајте да ја сменат компанијата наречена Македонија со друга компанија. А кога ќе нема приватни компании и луѓе, нема да има потреба и од државни институции и јавна администрација.

Александар Пандуловски

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!