Младите се гледаат надвор од Македонија, се враќа ли некој во Македонија?
Да, се враќа. Во државата може да најдеме и такви млади луѓе кои се вратиле и започнале во својата земја да ја создаваат својата бизнис приказна. Затоа, денес е уште еден среќен ден за мене. Слушнав уште една убава македонска приказна за стартап бизнис кој веќе успеал и има производ кој го продава.
Срцето ми се наполни со радост од енергијата што ја почувствував од тимот млади луѓе, со каква страст, желба да успеат и да опстојат, со големи планови за „надвор“ и со визија за успех во бизнисот.
Уште еднаш си ја потврдив мојата констатација, имаме многу успешни млади луѓе кои собираат странски искуства, за среќа има и такви кои се враќаат тука, создаваат некаква вредност,го пренесуваат странското искуство и тргаат одново во поход, пак назад кон истиот свет, но сега посилни. Зошто, имаат производ, свој, македонски. И се носат со него, рамо до рамо со странските производи.
Е, тоа треба да се поддржи. Да ги спакуваш куферите и да се вратиш во оваа земја, да тргнеш во еден поход, од кој е неизвесно дали ќе излезеш како успешен војсководец. Е, колку радост имаше во лицето на таа млада личност, која оставила се во богатиот свет и се вратила во непознатото, неизвесното. Каде, во земја од која сите сакаат да си заминат? И ме израдува уште повеќе нејзината упорност и истрајност.
Радоста за секое продадено првечне, борбата за да го освојат пазарот, да го запознаат со својот производ. А, констатацијата, нема да се откажеме.Не е лесно, но нема да се откажеме. Е, тоа е за признание.
Токму тоа и јас велам, да не им дадеме да се откажат, тие се нашето утре, оние кои треба да креираат нова вредност во стопанството и да ги движат моторите. Но, да не дозволиме да ги оптоваруваат обемни законски процедури, административни бариери, неефикасна администрација, тежок пристап до финансии итн….
А, знаејќи дека секогаш според правилото, победниците ја пишуваат историјата, тие точно тоа и го прават, ја испишуваат нашата економска историја.
М-р МАРИЈА ГЕОРГИЕВСКА
Уредник и водител на економската емисија ПРОФИТ на НАША ТВ
*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.