Протекоа доверливите Рајски документи како богатите го криеле своето богатсво
Група од 400 новинари од 67 земји открила над 13 милиони тајни документи со докази за затајување данок од страна на високи официјални претставници и компании во светот.
13,4 милиони доверливи документи откриваат како богатите и моќните го криеле своето богатство и избегнувале плаќање данок, обелоденува новинарската истрага спроведена ширум светот.
Истрагата наречена Рајски документи, вклучува електронска пошта, бизнис договори и банкарски изводи од 1950 до 2016 година.
Голем дел од досиејата потекнуваат од правната фирма Еплби, основана во Бермуда, со канцеларии на Карибите, а специјализирана во помагање на клиентите да основаат офшор компанија и сметки.
Еплби призна минатиот месец дека хакери навлегле во нејзиниот систем во 2016 година и дека податоците на некои клиенти можеби се компромитирани.
Имињата на повеќе од 120 политичари во речиси 50 држави се појавуваат во протечените документи кои опфаќаат 1,4 терабајти, како и познати личности од светот на спортот и бизнисот.
За британските медиуми најинтересни се инвестициите во вредност од 10 милиони фунти на кралицата во фондови на Кајманските острови и Бермуда. “Нема ништо нелегално во инвестициите и нема сугестија дека кралицата не плаќа данок, но може да се постави прашање дали монархот треба да инвестира офшор“, ќе напише БиБиСи.
Понатаму и зетот на Владимир Путин се наоѓа во документите, но и мултинационалните компании како Најк, Ејпл.
Исто така на површина исплива и податокот дека на чело на еден фонд од Кајмански острови кој избегнувал да плаќа данок е и главниот човек на канадскиот премиер Џастин Трудо, задолжен за финансии.
Во објавените документи има звучни имиња од филмската и телевизиската индустрија, кое своето богатство го штитела со офшор шеми.
Во меѓувреме мултинационалните компании бележат се поголем удел во офшор профитите од дури 600 милијарди евра само минатата година.