Светска банка: Македонија годинава ќе има најниско ниво на економски раст

Светската банка во редовниот економски извештај за Македонија, објавен заедно со извештаите за другите балкански земји, прогнозира дека Македонија годинава ќе забележи економски раст од 1,5 отсто, што е најниско ниво во последниве години. Претходно растот изнесуваше 3,8 отсто во 2015 година и 2,4 отсто во 2016. Светска Банка, следната година очекува растот на економијата  да достигне 3,2 отсто, а во 2019 да изнесува 3,9 отсто.

Исто така Светска банка предупредува дека треба да се обезбеди фискална одржливост, што значи државата поефикасно да ги собира парите од даноците и повнимателно да ги троши, односно на начин што би поттикнал поодржлив раст. Во извештајот се нагласува дека Македонија, како и регионалните економии, „нема доволно фискален простор за поддршка на растот“, што значи дека најголем дел од парите што ги собира државата ги троши на плати, пензии и социјални придонеси, а многу малку остануваат за капитални инвестиции.

И покрај слабата економија, вработеноста продолжила да расте, а невработеноста да се намалува. Бројот на вработени се зголемил за 2,5 отсто во 2016 година и за 2,7 отсто во првата половина од оваа година. Од Светска банка, сепак, велат дека во добар дел тоа се должи на мерките на Владата, која им даваше субвенции на работодавачите да вработуваат луѓе, односно им ги плаќаше придонесите за новите вработени преку проекти како „Македонија вработува“, преку кои се вработиле 14 илјади лица.

Економскиот раст на Западен Балкан оваа година ќе изнесува 2,6 отсто, следната година 3,3 проценти, а во 2019 година 3,6 отсто, се наведува во годишниот извештај на Светска банка.

Во земјите од Западен Балкан во првата половина од оваа година се отворени 230.000 работни места, што е пораст од 3,8 отсто во однос на истиот период минатата година, а состојбата е иста како пред избивањето на светската криза во 2008 година.

error: Content is protected !!