Бизнисмените се противат на зголемувањето на персоналниот данок на доход
На трибината организирана од страна на Асоцијацијата на менаџери на Македонија каде освен нивните членови беа присутни и премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски, беа дадени следните изјави.
“Најдобро е да нема измени. Аргументи за тоа се дека се наградуваат просечните, а бизнисот и успешните поединци се иселуваат надвор, посебно фриленсерите, парите се лоцираат во странство, се прави одлив на кадар и ќе се зголеми даночната евазија” -истакнаа од Асоцијацијата на менаџери.
“Македонија има една од највисоките стапки на нееднаквост на доходот во Европа. Нашите решенија за праведно оданочување се умерени. Зборуваме за воведување на даночни стапки што ќе зафаќаат два процента од граѓаните, за сите останати останува стапката на оданочување од 10 проценти “- рече министерот Драган Тевдовски.
Премиерот Заев изјави дека нема да брзаат со реформите, истакнувајќи дека фокусот е сега повеќе на тоа да се подобри наплатата и да се намали даночната евазија која кај ДДВ е 30 проценти.
Заев истакна дека приходите од буџетот треба да достигнат до оние во Европа каде се 50 до 55 проценти, а кај нас се 29 проценти од БДП. Македонија, според него, мора да напредува со поголем раст.
Тоа значи дека 50% од парите на граѓаните и компаниите треба да завршат во буџет, наместо 30% како до сега.