Mерките на владата се несоодветни за текстилната и кожарската индустрија
Сериозни критики и забелешки пристигнуваат од Кластерот за текстил. За што станува збор? Имено мерката за помош при нови вработувања од владиниот План за економски раст не е скроена за поддршка на текстилната, кожарската, чевларската и другите дејности во кои фирми се вработуваат по многу работници.
За овие компании е проблем да го исполнат условот на нововработено лице да му дадат плата повисока од 18.000 денари, а токму тоа е услов да добијат поврат од државата од 20 отсто од исплатениот месечен доход. Според Маријана Перковска од Кластерот за текстил, границата е поставена високо и очигледно е наменета само за вработување на високообразуван кадар.
„Која од компаниите ќе може да даде поголема плата на почетник? Секако тоа е почетник затоа што не можете вие да најдете обучен или добро истрениран. Значи мора да се најде модус и начин како да ги привлечеме директните работници. Мора некој да работи и на машина.“ – вели Маријана Перковска, претседател на Кластер за текстил
Просечната плата во текстилната индустрија за периодот јануари – октомври 2017 година е 17.000 денари, а кај производството на облека 14.500 денари. Услов за добивање државна помош при нови вработувања е да станува збор за прво вработување, за вработување на невработени најмалку три месеци или за лица преземени од администрацијата. Но, дел од економистите се против концептот на доделување државна парична помош за бизнис секторот.