САД останаа без буџет и делумно се парализирани

Владата на САД остана без финансирање, откако американскиот Сенат го отфрли новиот краток буџет, кој требаше да обезбеди финансирање на државните институции од 26 јануари до 16 февруари, објави Ројтерс.

Последен пат ова се случи во 2013 година, кога повеќе од 800 илјади државни службеници беа принудени на неплатено отсуство во текот на две недели. Во периодот додека Владата не располага со средства, сите операции и проекти определени како второстепени, ќе бидат привремено прекинати.

Републиканското мнозинство во Сенатот (51 од 100 места) не успеа да убеди доволно демократи да прифатат нормативен акт за привремено финансирање на федералниот буџет во замена за дополнителни преговори за статусот за стотици илјади млади имигранти кои нелегално пристигнале во САД како деца и беа привремено заштитени од протерување од страна на поранешниот претседател Барак Обама.

За одлуката да се прекинат дебататите и да се премине кон гласање за привременото финансирање на буџетот беа потребни 60 гласа, но оваа бројка не беше достигната. За поддршка на процедуралното гласање гласаа само 50 сенатори, а 48 беа против. Не гласал само лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Мекконел.

Министерството за одбрана на САД соопшти дека без буџет ќе продолжат воените операции во Авганистан и активностите против исламистите во Ирак и Сирија. Целиот мобилизиран персонал, составен од 1,3 милиони луѓе, ќе продолжи да ги извршува своите должности, но цивилниот персонал во помалите операции ќе биде принуден да ја напушти операцијата.

Истовремено, повеќе од илјада вработени во Белата куќа ќе бидат испратени дома, а претседателот ќе може да ги извршува своите уставни должности преку преостанатите 700 вработени. Библиотеката на Конгресот, Националниот архив, како и Меморијалниот центар Линколн ќе ги затворат вратите.

error: Content is protected !!