Извозот и увозот во Македонија забележаа пораст во Јануари
Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во јануари 2018 година, изнесува 420 606 илјади евра и бележи пораст од 27.9 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 560 136 илјади евра, што е за 24.2 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во јануари 2018 година, изнесува 139 529 илјади евра.
Покриеноста на увозот со извоз, во јануари 2018 година, изнесува 75.1 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и облеката.
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во јануари 2018 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Бугарија и Србија.