Венко Глигоров: Потребни се системски промени во економијата

Следејќи ги во последно време активностите на владините службеници во делот на економијата, а поттикнат од тоа дека луѓето во бизнисот не се уверени дека економијата напредува во реалноста, би се обидел да дадам свој придонес во подобрувањето на состојбите.

Вице-премиерот Анѓушев треба под итно да го замени називот на својата позиција во Вице-премиер за економски систем бидејќи називот е многу значаен. Прогуглав низ интернет и речиси секаде се користи називот потпретседател на влада задолжен за економски прашања. Некаде има и додавка: и за меѓуресорна координација или така некако. Сметам дека Вицепремиерот треба да инсистира да се користи називот “економски систем” наместо “економски прашања”.

Ако некој е задолжен за економски прашања тогаш повеќе личи дека позицијата е реактивна односно дека се чека на прашања за да се добие некаков одговор во некое одредено време. Оваа позиција не е шалтерска или како за кол центар кој одговара на прашања на граѓаните … Не случајно што во такви услови се јавуваат секакви барања-прашања и од поединци бидејќи вицепремиерот е одговорен за прашања. Со позиција одговорна за економски систем се менува значењето и одговрноста и истото подразбира дека активно треба да се гради систем и да се делува про-активно (или превентивно) за да се постигнат економски резултати.

Е сега, ако се постави позицијата како за економски систем, потребно е да се работи на креирањето и унапредувањето на економскиот систем. Досега забележуваме некаков напредок во делот на регулативата околу изедначувањето на инвеститорите – тоа е ОК. Тоа со субвенциите да речеме дека е ОК. Сепак, овие две работи се прескромни и не креираат економски систем бидејќи или опфаќа мал сегмент на економски чинители или можностите за коруптивни активности се големи (и со тоа да се претрпи неуспех во мерките).

Да потенцирам дека субвенциите и законите за инвестирање се привремени (повеќе тактички отколку стратешки) мерки и тие може да делуваат на одредени акутни состојби но не може да создадат сериозни поместувања во македонската економија.

За да се создаде економски систем, потребно е да се работи на системски мерки кои ќе бидат платформа на која ќе почива целата економија во Македонија. Сметам дека фокусот, треба да биде на две клучни работи.

Прво, Вице-премиерот треба да инсистира во Советот за реформи во судството (или како и да се вика) да биде вклучен лично тој и претставници на приватниот сектор. Судството треба да биде објективно и брзо и да одговара на потребите на економијата.

Втора работа е веднаш да ги изедначи правата и обврските на правните лица во приватниот и јавниот сектор. Не смее да постојат различни аршини за иста работа кај приватните фирми и организациите во јавниот сектор вклучувајќи ги и владините организации и тела. За почеток, доволно е да се ревидира законот за финансиска дициплина кадешто казнените одредби ќе се стават да важат за сите правни лица. Без исклучок.

Овие две мерки директно ќе влијаат на перформансите на економијата. Објективното и ефикасно судство ќе ги намали плановите на поединци и групи за корупција и финансиска недисциплина и во приватниот и во јавниот сектор. Стабилното општество ќе ги поттикне и домашните и странските инвеститори за поголеми инвестиции и развојни проекти. Ако државните функционери бидат казнувани за неплаќање, нема да објавуваат тендери ако немаат обезбедено буџет, и ако знаат дека мора да платат за испорачаните производи и услуги – нема да ги уценуваат фирмите со провизии за побрзо плаќање. Навремените плаќања на државата ќе создаде услови за навремено прибирање на средства кај компаниите кои потоа ќе може да ги реинвестираат или да ги подмируваат своите обврски кон доверителите.

Кусо кажано, еднаквоста пред законите и правдата за сите се две важни цели на еден здрав економски систем. Да очекуваме дека Вицепремиерот ќе покрене активности во кон овие цели со што ќе се создадат темелите за здрав економски систем.

Венко Глигоров

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!