Македонците секоја година стануваат се позадолжени

Задолженоста на македонските домаќинства расте од година в година и според последните податоци кои се однесуваат на февруари годинава само домаќинствата во земјава на домашните банки им должат околу 2,3 милијарди евра. Но, дали задолженоста на граѓаните во Македонија е голема или мала? Банкарите велат дека има простор за раст на кредитирањето и кај граѓаните и кај фирмите, но дека нема да кредитираат неквалитетни клиенти.

Анализа на податоците по земји исто така покажува дека семејствата во Македонија должат многу помалку од тие во опкружувањето, а уште помалку ако бројките се споредуваат со поразвиените земји. Така, лани вкупниот долг на семејствата во земјава кон македонските банки изнесува 22,8 проценти од домашниот БДП. Во Хрватска тој процент е 36 отсто, во Бугарија 28,6 проценти, а во Србија 20,3 отсто.

Во последните неколку години задолжувањето на домаќинствата се зголемило значајно иако растел и БДП, но побавно. Според податоците, за десет години вкупното учество на кредитниот долг на граѓаните во домашниот БДП се зголемило за два пати. Така ако во 2007 година тој долг е околу 14 отсто од БДП, на крајот на 2017 година изнесува 22,8 проценти. Во 2006 година е 9,7 отсто, додека од 2007 до 2012 се движи од 17 до 20 проценти.

Во апсолутни суми, во 2009 година вкупните кредити кон домаќинствата изнесуваат 1, 168 милијарди евра, а до 2014 година пораснале до 1,740 милијарди евра. Во 2015 година македонскате граѓани на банките им должеле 1,9 милијарди евра, додека во февруари годинава 2,3 милијарди евра.

Банкарите кои ги консултиравме велат дека ако се гледааат само бројките можеби тој процент е низок па тврдат дека кредитирањето треба да расте. Сепак децидни се дека нови задолжувања не се оправдани ако се само за трошење пари, оти и ситуацијата дома не е сјајна.

Од земјите во регионот, граѓаните во Албанија се помалку задолжени од нас. Таму вкупниот долг на домаќинствата лани бил 11,5 отсто од БДП. Во Босна и Херцеговина задолжувањето е поголемо и изнесува 27,3 проценти од тамошниот БДП. Во Бугарија е 28,6 отсто, додека во Грција е многу повеќе или 65,6 отсто од БДП. Кај нашиот јужен сосед, разбирливо, граѓаните должат повеќе и поради кризата во земјата, а многу од нив имаат и проблем да ги вратат позајмените пари. Во Косово задолжувањето на домаќинствата е пониско или во 2016 година тие должеле 13,2 отсто од нивниот БДП.

Во сите земји од Европската унија долгот на домаќинствата изнесува 50,5 отсто, но има земји каде граѓаните должат и повеќе од вкупниот бруто домашен производ. Така во Кипар вкупниот долг на семејствата лани изнесувал 139 отсто од БДП, претходната година бил и над 145 отсто од БДП. Во Германија е околу 50 отсто додека во Русија околу 13 отсто.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!