Македонија се задолжи 19.5 милиони евра, за 30 години ќе треба да вратиме 47,5 милиони евра
Денес на домашниот пазар на капитал е издадена државна обврзница на сума 1,2 милијарди денари или 19,5 милиони евра. Обврзницата е издадена со време на доспевање од 30 години, со каматна стапка од 4,85 отсто.
Тоа значи дека годишно државата ќе плаќа 936 000 евра само за камата и тоа секоја година во наредните 30 години. Кога во 30-тата година ќе треба да ја вратиме и главницата од 19,5 милиони евра, се додаде и каматата за секоја година, излегува дека државата ќе треба да врати вкупно 47,5 милиони евра.
„За првпат на македонскиот пазар на капитал е издадена државна обврзница со време на достасување од 30 години. Ова е сигнал за довербата на инвеститорите во македонската економија, бидејќи зголемената рочност, односно време за враќање на средствата, укажува на зголемена доверба“, велат од Министерството за финансии.
Инвеститори во 30-годишната обврзница се приватните пензиски друштва и осигурителни компании. Според Министерството за финансии издавањето долгорочни хартии од вредност го намалува ризикот од рефинансирање на јавниот долг.
„Во март 2012 година, 92 отсто од издадените државни хартии од вредност биле краткорочни, а 8 отсто се со поголема рочност. Во март годинава овој сооднос е 40 отсто краткорочни наспроти 60 отсто долгорочни хартии од вредност“, велат од Министерството за финансии.