Владата ќе им даде на текстилните фабрики финансиска помош без да ги исполнуваат критериумите
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев при работната посета на Штип каде што се сретна со менаџментот на текстилната компанија Албатрос истакна дека преку спроведувањето на мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите и мерките донесени на последната седница на економско – социјалниот совет, силно ќе го поддржи развојот на текстилната и на кожарската индустрија, затоа што растењето и развојот на оваа индустрија е во интерес на Република Македонија.
„За да текстилната и кожарската индустрија одат напред, потребни се неколку работи. Прво, важно е да се зголеми нивото на автоматизацијата и технологијата на работа, за што државата ќе помогне со новиот закон на којшто дадовме амандман и поволности да кожарската и текстилната индустрија добијат поврат на инвестицијата, без задоволување на критериумите како другите индустрии. Тоа е многу важно. Исто така, во законот и во мерките кои се предвидени преку Фондот за иновации и технолошки развој, се отвора простор за правење нови колекции, како и изградба на развојни центри во делот на текстилот“, изјави Кочо Анѓушев.
Од страна на текстилците Маријана Перковска, претседателка на текстилниот кластер изјави дека „Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, посебно со усвојување на амандманот за олеснување на критериумите за аплицирање, ќе можат да се користат средства за што наидовме на големо разбирање и поддршка од Владата. Со тоа домашните компании ќе имаат пристап до овие фондови и тоа ќе има позитивен ефект на текстилната индустрија“.