Катастрофална реализација на капиталните инвестиции само 7,4%

Пред да ја објавиме оваа вест неколку пати проверивме дали само 7,4% или 30 милиони евра за капитални инвестиции биле потрошени во првиот квартал годинава, и да точен е податокот!

Реализацијата на капиталните проекти потфрли. Едвај 30 милиони евра за капитални инвестиции биле потрошени во првиот квартал годинава. Тоа е само 7,4 отсто од 392 милиони евра, колку што се предвидени за цела 2018-та. Во истиот период лани реализацијата била многу подобра – биле потрошени 82 милиони евра или 18 отсто од средствата предвидени за капитални проекти.

Министерот за финансии Драган Тевдовски потврди дека има потфрлање во капиталните расходи на почетокот на годината, а главната битка, како што рече, е како да се забрза нивната реализација, бидејќи пари се обезбедени.

„Нашето настојување, правиме притисок до сите, да ги реализираат капиталните инвестиции. Како што кажав, приходите ни се соодетно на проекциите, ние имаме апсолутно одлична ликвидност. Главната битка е да имаме подобра реализација на капиталните инвестиции“, вели Драган Тевдовски, министер за финансии

Податоците за реализација на Буџетот во првиот квартал покажуваат дека државата потрошила 60 милиони евра повеќе отколку што собрала во државната каса. Вкупните приходи изнесуваат 705 милиони евра, а најдобра е наплатата на даноци, при што во март се собрани 30 милиони евра повеќе од планираното. Вкупните расходи пак за три месеци изнесуваат 765 милиони евра, а најмногу пари во март се потрошени за социјални трансфери.

error: Content is protected !!