Детална анализа како Анита Ангеловска-Бежоска стана нов гувернер на НБРМ

Macedonian Business Hub во последните неколку месеци прв објави, а после два месеци се потврдија нашите информации дека Иванов ќе го предложи Димитар Богов за втор мандат и дека СДСМ нема да го поддржи изборот на Богов. Исто како и информацијата дека ДУИ е многу заинтересирана НБРМ да добие Албанец гувернер во текстот од март  Битка помеѓу претседателот и владата кој да биде нов гувернер во НБРМ.  На почетокот на мај се потврдија нашите информации од март во текстот Заев контра претседателот Иванов: Не го прифаќа Димитар Богов за гувернер.

Во ситуацијата кога претседателот на државата треба да предложи гувернер, а власта (заради мнозинството во собрание) треба да го изгласа, беше повеќе од потребно да се дојде до компромисно решение. Со цел да не се загрози финансиската и монетарна стабилност, претседателот и владата во последните денови од истекот на мандатот на гувернерот Богов се договорија за компромисно решение.

Пратениците ја избраа Анита Ангеловска Бежоска за гувернерка на Народната банка. За неа гласаа 81 пратеник, против и воздржани немаше. Пратениците не отворија широка дискусија околу изборот на Бежоска, но нејзиниот професионализам и стручност ги пофалија и власта и опозицијата.

Не е големо изненадување оваа информација ако се знае дека во минатото кога Анита Ангеловска-Бежоска беше избрана на функцијата вицегувернер на НБРМ и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ гласаа едногласно она да стане вицегувернер.

Но во секој случај НБРМ доби вистински професионалец и компетентна личност која одлично ја познава монетарната политика и знае како НБРМ функционира.

„Ова е доказ дека професионализмот, стручноста и совесноста и посветеното работење, треба да се критериуми според кои треба да се раководиме на вакви функции да доаѓаат луѓе кои заслужиле.“ – изјави Томислав Тундев, СДСМ.

„Првпат по пет гувернери имаме жена. Таа е професионалец и експерт и сметам дека добро ќе се снајде на оваа позиција со оглед на искуството што го има.“ – изјави Даниела Рангелова, ВМРО-ДПМНЕ.

Бежоска е првата жена гувернер на Македонија, која во наредните седум години ќе ја спроведува монетарната политика, ќе се грижи за стабилниот курс на денарот и ќе ја контролира инфлацијата. Анита Ангеловска-Бежоска беше вицегувернер во Народната Банка осум години.

error: Content is protected !!