Македонија падна за 23 места и се наоѓа на дното на Балканот на листата на најиновативни економии во светот

Македонија падна 23 места на листата на најиновативни економии во светот. Извештајот за 2018 кој ги анализира состојбите од 2017 година ја смести земјата на 84 место од 126 држави во светот и е последно рангирана држава од Балканот на светската листа на иновации. Нашата држава годинава е позиционирана на 84 место, што претставува пад од дури 23 позиции споредено со лани, кога бевме рангирани на 61 место на оваа листа.

Минатата година полошо позиционирани од Македонија беа Србија, Босна и Херцеговина, како и Албанија, чие рангирање беше за дури 32 позиции полошо од нашето. Годинава, сите балкански држави се подобро рангирани од Македонија.

Нашата земја е единствената од Балканот што забележа драстичен пад. Споредено со лани, пад бележат уште две други балкански држави, Црна Гора за четири, а Бугарија за само едно место. Хрватска не бележи промена на ранг листата, а сите останати држави се подобриле во однос на минатата година.

Најдобро позиционирана од Балканот и натаму е Словенија, која годинава е на 30 место. Швајцарија 8 години по ред е глобален лидер на оваа ранг листа на иновации.

Во Македонија државата секоја година се повеќе зборува за иновации, инвестиции  и развој. Но од друга страна претприемачите и бизнисмените се жалат за воведувањето на нови лиценци, дозволи и други бирократии, кои имаат за цел полнење на државниот буџет.

error: Content is protected !!