Блаже Аризанов: Aирлија државните претприемачи
Блаже Аризанов, еден од основачите на стартапот StayUncle кој од него направи милиони долари има да ви каже неколку работи за државниот фонд за иновации и создавањето на државни претприемачи. Неговиот текст ви го пренесуваме во целост.
Државни претприемачи?
Да бе срце. И тоа го има. Тука во Македонија
Утринава се разбудив со горчлив вкус во устата. Ме најде веста дека на 79 мали и средни претпријатија им е доделена парична помош во износ од 10.5 милиони евра предвидени во програмата за Економски расти, од Страна на фондот за Иновации и технолошки развој
Ах тој Фонд за иновации. Уште свежа ми е бруката од пред неколку месеци кога најави дека државата ќе биде косопственик во 25% од основачкиот влог на новоформирани фирми.
Благородно. Но глупаво. Тотално промашување.
Ај да си кажам зошто.
– И мали фирми и акционерски друштва во иста кошница.
Ко ја видов Микросам од Прилеп како има добиено грант од државата за малку ќе ме фатеше срце. Микросам е акционерско друштво. А се знае како акционерските друштва прибираат нови парични средства – преку емисија на акции. Следствено на тоа, државата треба да се ангажира во развивање на пазарот на капитал наместо директно да им дава пари на акционерските друштва.
По два, по три грантови.
Некои помали фирми со чиишто дечки се познавам имаат добиено барем уште два гранта претходно преку истата програма. Па кога планираат тие компании да станат профитабилни? И зошто државата ги финансира во серија? Што, да не развиваат решенија во областа на биотехнологијата или фармацијата или било која друга дејност која би имала стратешко значење за земјата зарадишто би имале долг период на инкубација и прифаќање на производот? Не бе човеку. За жал дел од нив се аутсорсинг компании. Ете така, аутсорсинг компании кај нас добиваат по три грантови државна помош.
– Повратни се средствата или не се?
Кој знае. Прошаркав ваму таму и видов дека и околу тоа има забуна. Некои велат ќе се враќале ако станале тие фирми профитабилни. Ако не, немало да се враќаат. И што ми треба мене да успее фирмата и да стане профитабилна кога за целиот тој период ќе си земам плата колку толку. Тоа ти стимулирање на неефективности.
– Ќе им дојдат во пресрет на компаниите или не?
Секој успешен претприемач ширум светот е свесен за следново правило – никогаш не прифаќај пари доколку другата страна освен пари не е во можност на масата да донесе и конекции, и експертиза. Ќе има ли Фондот за Иновации стручен експерт од секоја од потребните области кои ќе им бидат на располагање постојано на тие компании?
– Кој е критериумот за успешност?
Кога еден приватен инвеститор инвестира во компанија, очекувањата се дефинирани кај двете страни. Се поздразбира дека компанијата мора да реализира одреден износ на продажба за да инвеститорот ја однесе таа фирма кон следната рунда или излезе од неа. Кои се критериумите за успех на овие компании? Каде се квантитативно утврдени? Што им значи тоа – да бидат профитабилни? Колку профитабилни? Никаде го нема споменато тоа.
– Зошто баш тие компании?
Што беше толку специјално кај нив? Самиот факт што аплицираа? Не можеше ли Фондот да не почести со придружната компанијам Pitck deck-от пазарните проекции, сите тие работи кои и тоа како ќе мораа да ги имаат на лагер ако се најдоа пред приватни инвеститори? Дали воопшто им беше побарано такво нешто или завршија работа со прост темплејт од бизнис план? Во која фаза од раст аплицираа? Добар дел од фирмите има добиено грант од 100к евра што е сума која обично им се доделува на фирми во фаза на раст. Каде им е растот на тие фирми кога дел од нив немаат ниту вебсајт а фан страната им е основана само пред неколку дена колку за да ја има?
– Каде е иновацијата?
Дел од компаниите добитнии на грантови се угостителски објекти. Ресторантчиња. Каде е тука иновацијата? Зарем купувањето на машина за правење тесто е иновација?
– Што знае Естонија што не знаеме ние?
Естонија може да се пофали со една од најфасцинантните програми за стимулирање на претприемништвото во целиот свет. А што прави таа? Им дава пет-годишно државјанство на докажаните претприемачи ширум целиот свет и ги поканува да работат од нивно тло, ослободувајќи ги од задолжителниот износ од 65.000 евра кои странскиот државјанин би морал да ги инвестира за да стекне државјанство. Со други зборови, Естонија ја третира својата имиграциона политика како да е регрутирачка политика. И е категорична околу тоа каков вид на стартапи се поканети да аплицираат – исклучиво технолошки. Никако ресторанчиња или фризерски салони.
Зошто? Заради тоа што нив им е битно да стимулираат компании кои се скалабилни односно со потенцијал за брз раст надвор од локалната економија. Само технолошките стартапи го поседуваат тој потенцијал. Не бурекџилници.
===============
Ако сака владата да биде од помош во претприемачкиот екосистем мора да го направи следново:
– Парите не да ги дава по ресторани туку да отвори ко-воркинг центар во буквално секој град.
Во нив би се реализирале бесплатни часови по програмирање за секоја можна возрасна група.
– Да го унапреди законодавството.
Срам ми е да речам дека ете кај нас конвертибилниот заем како можност за финансирање на стартапи сеуште е забранета опција
Парите наместо да ги пласира директно во фирми да ги пласира во ризични фондови (venture capital) за да тие од своја страна решат во кои фирми да инвестираат. За разлика од владата, ризичните фондови немаат потреба да бидат популистички, да се секираат за наредните избори, нив ги интересира профитот и следствено на тоа би инвестирале во најдобрите од најдобрите.
Со едноставна аналогија – Владата е одговорна за натежнување на воздухот со претприемачка влага до точката до која воздухот е толку влажен, толку презаситен што водени капки т.е. стартапи почнуваат да се кондензираат небаре капки на ладна метална површина. Не да формира вештачки дождови тука таму. Улогата на владата треба да биде индиректна, како поттикнувач со тоа што ќе креира инфраструктура, не директна, како донор на финансиски средства
Ќе му објасни ли некој на Кочо Анѓушев дека развивање на претприемачки екосистем и водење на хидроцентрали не е исто?
Ќе престане ли државата да фрла пари и покрај тоа што се знае дека кога и да влада се обидува да директно стимулира претприемништво, ваквите обиди секогаш завршувале во фијаско?
Блаже Аризанов
Станете наш фан ако не сте, на нашата Facebook страна (Macedonian Business Hub) и читајте интересни текстови и размислувања што ги нема на друго место.
*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.