Блаже Аризанов: Лудилото на Владата – по трет пат

Пуу јазк.

Овие од Влада како со пченкарно брашно да се задоени.

Прво со програмата на Фондот за Иновации и технолошки развој за поддршка на пекари.

Второ со програмата за вработување преку поттикнување на претприемништвото.

И сега трето преку новонајавените три нови бизнис aкцелератори кои треба да се отворат во Скопје.

Нивна главна цел е замисли – Да ги задржуваат младите да останат во Македонија, Хмм ќерата. Прв пат слушам да се основа бизнис акцелератор баш за таа намена – да се задржуваат младите во некоја земја.

Ама тешко да очекуваме здраво-разумска логика кога и да државата се обиде да стимулира претприемништво.

Да се присетиме само на најпопуларните акцелератори во светот кои прераснаа во своевидни академии од типот на 500 StartupsY Combinator во Америка и The Family тука во Европа.

Дали беа основани од некоја си влада? Не.

Дали нивна мисија беше да мотивираат млади луѓе да остануваат во матичната земја? Никако.

Нивна мисија е да ги лоцира најпросперитетните стартап компании и да им помогнат во експоненцијално ширење и освојување на нови пазари – се со цел да профитираат.

Сум кажал порано и пак ќе речам – Врв на лудилото е во Интернет ерата да промовираш иницијативи чијашто цел е задржување на таленти во Македонија или било која друга земја.

Јас сум тука во Македонија веќе 6 месеци. Знаете зошто? Поради ниските трошоци за живот и чистиот воздух.

Не заради некоја си владина програма што ме задржала. Ниту пак поради тоа што ми е тука пазарот. Што ме тера сосила да се фокусирам на Македонски пазар со ниска куповна моќ? Ништо. Ете ми го Интернетот, ете ми го целиот светски пазар на располагање.

Ама тоа владата никако бе да го разбере. Пак да се повратиме на Естониското стартап чудо. Генијално дефинирана цел – не да задржува млади луѓе туку да овозможи што е можно повеќе ново формирани компании во Естонија.. Кои ќе плаќаат корпоративен данок.. Кои ќе и ја полнат државната каса…. Па ако сакаат нивните сопственици нека живеат и на Хималаите.

Естонија не се фокусира на задржување луѓе туку на овозможување на бескпрекорна законска и дигитална инфраструктура за да компании (не лица) оперираат од нејзино тло.

А погледнете не нас. Законите околу формирање и затворање на компанија се драконски, не дај боже да решиш да затвориш компанија тука. Уште побетер пак ако си ангел инвеститор – не си во можност да инвестираш во компанија преку конвертибилен заем. А пак финансискиот систем? Затворен небаре некоја земја од третиот свет. Немаме никакви финансиски продукти освен стариот добар орочен депозит.

Немаме законодавство и инфрастуктура кое би ја поттикнало динамиката на формирање на нови млади компании а пак се фураме на патетични мали програмчиња за задржување на младите во државава. Која игнорантност. Која блуткавост..

Господине Кочо Анѓушев од Влада на Република Македонијачувствувам се поизразена потреба да ви фрлам џентлменска ракавица и да ве поканам на отворена јавна дебата на која би продискутирале на овие работи. Вашата логика и аргументи против моите.

Пошто ова веќе навистина станува глупаво…

Блаже Аризанов

Станете наш фан ако не сте, на нашата Facebook страна (Macedonian Business Hub) и читајте интересни текстови и размислувања што ги нема на друго место.

*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

error: Content is protected !!