МКД: Македонски угостители ќе увезуваат келнери од Украина

Нема луѓе. Нема веќе кој да работи. Ќе дојдат, ќе поработат неколку месеци, таман ќе се обучат – заминуваат во странство. И ние пак од почеток… Ова се главно проблемите на кои веќе подолго време укажуваат угостителите од земјава. Еден од нив, сопственикот на Јавна соба, реши веќе да не чека. Александар Велиновски веќе работи на тоа да донесе работна сила од Украина, пишува МКД.МК.

„Нема лојалност од вработените. Тоа ни е повеќе од потребно. Ќе дојдат, ќе ги обучиш, ќе поработат неколку месеци и следува најавата дека одат на работа во странство. Најчесто во Малта и Германија. Лојалноста нам ни е примарна“, вели Велиновски и најавува дека е веќе пред реализација на планот да донесе Украинци, млади брачни парови, да им обезбеди стан и работа за најмалку 3 години и така да ги „врзе“ тука.

Од разговорот со повеќе угостители дознаваме дека келнерите и не се толку лошо платени во Македонија. Во просек платата е од 18 до 25 илјади денари. Ако на ова се додаде и бакшишот, тогаш платата стигнува и до 600-700 евра месечно. Готвач нема без минимална плата од 30.000 денари.

Јохан Елзесер, претседателот на новото здружение на угостители „Хорекаши“, вели дека рестораните и хотелите во Македонија вработуваат околу 40.000 луѓе, а државата произведува не повеќе од 400 годишно и тоа е една општа катастрофа.

„Персоналот е примарен проблем, што е во колизија со Законот за вработување, односно со можноста за правење договор на дело. Секој од нас има одреден број вработени и нормално е дневно да ти недостига човек – дали некој е болен, на свадба, погреб, одмор… Тоа е жива материја, но јас не можам да функционирам без шанкер, без готвач… А државата не дозволува договор на дело. Во нивните институции може со договор на дело, а во нашите не. Казната за непријавен вработен е 10.000 евра – и за хотел со пет ѕвезди и за слаткарница, што не е нормално! Не ни нудат ништо, само казни, мораме да се избориме да направат документ со кој ќе можеме да вработуваме луѓе на одреден број денови, со договор на дело. Нека кажат колку ќе чини тоа кон државата по ден – и средено“, вели Елзесер.

Тој вели дека бил во Министерството за труд, предложил да се направи апликација за веб, на која би се регистрирало секое правно лице. „И во случај да ти се разболи човек, а Министерството има база на вработени лица, преку апликацијата внесуваш кои ти се болни и наоѓаш замена со име и презиме за нив… и цела понатамошна процедура. Лани од Министерството за труд ни рекоа супер и повеќе никогаш не нѐ викнаа“, рече Елзесер.

Велиновски, сопственикот на Јавна соба, вели дека веќе нема време да чека. Тој пресметал дека работната сила од Украина ќе го чини и до 1.000 евра по човек, заедно со сместувањето, и дека тоа му е поисплатливо отколку ваквите осцилации. „Со младите брачни парови ќе потпишеме договор од по три години, сѐ ќе им биде обезбедено, и работа и сместување, и тогаш навистина ќе можам да планирам и други работи освен постојаното барање кадар, кој обично е неискусен, па треба да го обучуваш, за на крај да ти замине во Малта. Често пати се случува да не можам да одговорам на барањата на моите клиенти само поради неможноста да одговорам соодветно на нарачката. Едноставно, се случува да немам луѓе“, вели Велиновски.

Целиот текст на МКД.МК може да го прочитате ТУКА.

error: Content is protected !!