За отворање на нови преработувачки капацитети 13,2 милиони евра од ИПАРД 2
Вчера се објави новиот јавен повик за мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“, од европската ИПАРД 2 програма.
Со овој јавен повик им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети и опрема, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка. Притоа, 75 отсто од средствата кои ќе бидат кофинансирани ќе бидат обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на европската унија ИПАРД 2014-2020, а 25 отсто од средствата ќе бидат кофинансирани од Буџетот на Република Македонија.
Оваа мерка се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо вклучително јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи и маснотии од животни, шира, вино и оцет, како и производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производ.
Дополнително, финансиската поддршка се зголемува за 10% доколку се работи за: инвестиции во згради/опрема чија што намена е да се подобри енергетската ефикасност, производство на био-енергија во случај на преработка на производи, производство на енергија од други обновливи извори на енергија или третман на вода/отпадна вода.
Линк до јавниот повик: https://bit.ly/2Sjdvu9
Крајниот рок за поднесување на барањата е 14-ти јануари 2019 година, а вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик над 13,2 милиони евра.