Македонските компании да тропнат на врата на секој странски инвеститор во Македонија

Македонските добавувачи да ги зголемат маркетинг активностите, да тропнат на вратата на секој странски инвеститор и да кажат што имаат да понудат. Секоја врата на која ќе тропнат, ќе им биде отворена, рече денеска претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер.

Петер на прес-конференција истакна дека секој странски инвеститор во Македонија има интерес да соработува со локалните добавувачи зашто тоа му е поевтино, побрзо и поефикасно.

-Во оваа смисла, има многу предности што треба да се зграбат, но, секако, само ако се нуди квалитет. А квалитетот никогаш не е добар или лош, туку е она што го бара клиентот – објасни Петер.

Негова оцека е дека годинава соработката на странските компании со македонските е подобрена, но се очекува да биде уште поголема во 2019-та.

На новинарско прашање дали и како „Брегзитот“ ќе влијае врз македонските компании, претседателот на Советот нагласи дека се уште не може прецизно да каже.

-Со „Брегзит“ практично не сме почнале. Можеме теоретски да зборуваме какви ќе бидат импликациите, но главните последици во пракса ќе ги видиме во месеците што доаѓаат. Не можам прецизно да кажам што македонските компании ќе добијат или ќе изгубат зашто во секој предизвик има и шанса, истакна Петер.

Во врска со даноците, Петер е дециден дека земјата мора да се насочува кон предвидливоста и фер оданочувањето.

-Не мислам дека бизнис околината е детерминирана директно само од даночните прашања, ниту сметам дека даночните промени ги тангираат исклучиво комапниите од ТИР-зоните. Даноците се нешто што никој од бизнисите не го сака, а многу ретко ќе најдете и луѓе, граѓани, кои ги сакаат даноците. Но, според мене, тоа е единствен начин како може да функционира еден систем. Ако предвидливоста и фер пристапот кон даноците е гарантиран кон компаниите, оваа киселкаста таблета лесно ќе се проголта, подвлече Петер.

Тој најави дека на 12 декември ќе биде промовирано новото издание на Белата книга на членките на Советот на странски инвеститори, како и дека во првата половина на наредната година ќе продолжи праксата талентирани ученици од средните школи да се среќаваат на еден ден со успешни бизнис менаџери.

Генерална оценка за економската состојба во 2018 година и за очекувањата во 2019-та Петер ќе даде, како што рече, на 12 декември, кога ќе се промовира Белата книга. Компаниите, пак, во зоните до крајот на месецов ќе излезат со конкретно дефинирани клучни приоритети и барања.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!