Половина од прометот во трговијата се прави во Скопје
Над 400 милијарди денари е остварениот промет во трговијата на големо во земјава во текот на минатата година, а прометот во трговијата на мало изнесува над 270 милијарди денари. Повеќе од половина од прометот на мало е реализиран во скопскиот регион, објави Државниот завод за статистика.
Во рамките на одделот Трговија на големо, освен моторни возила и моторцикли, во кој се реализирани 95,5% од прометот во вкупната трговија на големо, најголемо учество од 20,9% има прометот од продажбата на цврсти, течни и гасовити горива и сродни производи како огревно дрво, камен јаглен, дрвен јаглен, лигнит, моторен бензин, керозин, гасни масла, масла за ложење. Потоа следи прометот од продажба на фармацевтски производи со 11,5% и прометот од продажба на шеќер, чоколада и кондиторски производи со 11,2%. Прометот од производите од тутун, месото и производите од месо, млечните производи, јајцата, мастите и маслата за јадење, пијалаците и овошјето и зеленчукот заедно учествуваат со 25,1% во вкупниот промет во трговијата на големо, освен моторни возила и моторцикли.
Прометот од одделот Трговија со моторни возила учествува со 4,5% во вкупниот промет во трговијата на големо, а во рамките на овој оддел прометот од автомобили и моторни возила нови и употребувани од лесна категорија учествува со 49,9%, а прометот од продажба на делови и прибор за моторни возила гуми, делови и прибор учествува со 42,5 %.
Прометот во трговијата на мало по групи производи во 2017 година изнесува 267.327.856 илјади денари. Во рамките на одделот Трговија на мало, освен моторни возила и моторцикли, во кој се реализирани 95,1% од прометот во вкупната трговија на мало, најголемо учество 14,6% има прометот од продажба на автомобилски горива, потоа следат прометот од продажбата на фармацевтски производи лекови: фармацевтски производи и препарати – витамини, антибиотици, серуми и вакцини – само за човечка употреба со 6,3%, млечни производи 4,6%, други прехранбени производи, неспоменати на друго место 4,5% останата трговија во неспецијализирани продавници 4,2% и прометот од алкохолни пијалаци 4%.
Прометот од одделот Моторни возила, мотоцикли, резервни делови учествува со 4,9% во вкупниот промет во трговијата на мало, во кој најголем промет е реализиран од продажбата на делови и прибор на моторни возила во специјализирани продавници 43,2% и од продажбата на моторни нови возила во специјализирани продавници 42,7 %.
Прометот во трговијата на мало според региони е најмногу реализиран во скопскиот регион 54,9 %, додека најмал промет во трговијата на мало е реализиран во југоисточниот регион 5,2%.
Најголем број продавници во трговијата на мало има во скопскиот регион, односно 31,3% од вкупниот број продавници, а најмал број продавници има источниот регион 8,4%.