На Македонска берза од годинава ќе се тргуваат државни хартии од вредност

На Македонската берза за хартии од вредност од годинава ќе се тргуваат државните хартии од вредност. Со тоа според надлежните  тие стануваат подостапни за инвеститорите и ќе придонесат за развој на пазарот на капитал. Договорот за котирање на државните хартии од вредност беше потпишан од министерот за финансии Драган Тевдовски и извршниот директор на Македонска берза Иван Штериев.

Ќе се почне со околу 130 државни обврзници со номинална вредност од 900 милиони евра при што каматните стапки на издадените обврзници се движат од 0,9 до 5,3 проценти. Од овие 130 обврзници доминираат 10-годишни обврзници и 15-годишни околу 115 обврзници.

– Се прави клучен чекор кон развивање на пазарот на капитал. Покрај добро развиениот примарен пазар, се развива секундарниот пазар на тргување. Од почетокот на 2019 година, државните хартии од вредност ќе станат достапни за повеќе инвеститори – како во земјата, така и во странство – оцени Тевдовски.

Македонските државни обврзници преку заедничката платформа на берзите од регионот СЕЕ линк, ќе станат достапни за инвеститорите од регионот, но и Европа, што придонесува за поголема транспареност.  Државните хартии од вредност на останатите земји од регионот веќе се достапни на СЕЕ линк. Министерот смета дека поголемата  конкуренција кај побарувачката ќе обезбеди подобра цена, односно камата.

Котирањето на државните хартии од вредност ќе влијае кон развој на пазарот на капитал. Покрај добро развиениот примарен пазар, се развива секундарниот пазар на тргување, што ќе значи  поголема ликвидност на пазарот на капитал, но и поголема транспарентност.

Државата издава хартии од вредност со рок на доспевање од шест месеци до 30 години.

За директорот на Македонска берза Иван Штериев котацијата на државните хартии од вредност ќе ја зголеми расположивата понуда на берзата.

– Берзанската котација на државните обврзници ќе значи дека овој финансиски инструмент ќе стане максимално визибилен и полесно достапен на секундарниот пазар на хартии од вредност во Република Македонија, а истовремено ќе ја зголеми расположливата понуда на Берзата. Воедно, котацијата и тргувањето на регулиран пазар ќе претставува нов квалитет за континуираните државни обврзници што би требало да придонесе за уште поголем интерес за вложување во овој инструмент од страна на домашните и странски инвеститори, со сите позитивни повратни импликации од тоа, вклучително и поповолни услови при издавање на обврзниците во иднина – рече Штериев.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!