Еден гигабајт мобилен интернет во Македонија e поскап отколку во Словенија

Користењето на еден гигабајт мобилен интернет во Индија чини само 23 евроценти, а во регионот најевтин е во Словенија. На листата од 230 земји, Македонија е рангирана на 78 место, со просек од 3,21 евра за еден гигабајт.

Британскиот портал cable.co.uk ја истражува цената на еден гигабајт мобилен интернет во светот. Анализирајќи 6.313 пакети на мобилен интернет во 230 земји, се покажало дека најевтиниот е во Индија – 0,23 евра, додека во Зимбабве е најскапиот и чини 66,7 евра за еден гигабајт.

Индија, чија млада популација има особено висока технолошка свест, нуди “жив” пазар на паметни телефони, со брза адаптација и голема конкуренција. Тоа се причините поради кои мобилниот интернет е многу евтин, пишува во извештајот.

Веднаш зад Индија, најевтините пазари се во Киргистан, Казахстан и Украина. Меѓу пазарите на најевтиниот мобилен интернет во Западна Европа е и Финска (1,03 евра по гигабајт), заради присутноста на мобилни интернет пакети без ограничување на интернет сообраќајот.

Најскапа земја во Западна Европа е Швајцарија, чиј главен мобилен оператор е компанијата Swisscom, која е една од водечките европски компании кои работат на воведување на 5G мрежа.

Во регионот, Словенија нуди во просек најевтини пакети за мобилен интернет, со просечна цена од 1,96 евра за гигабајт.

Гигабајт мобилен интернет во Босна и Херцеговина во просек чини 3,18 евра, во Србија чини 4,28 евра, додека во Црна Гора изнесува 3,78 евра.

Please follow and like us:
0
error: Content is protected !!