Спироски: Доаѓа нова светска криза која нема да биде иста за сите
За да биде појасно што се случува глобално и соодветно што доаѓа, прво да се објаснат некои поими. Владите на земјите го продаваат својот долг преку државни обврзници (government bonds). Тие имаат разно време на траење (maturity), од 3 месеци, година, две, па се до 30 години. За тоа време тој што ја купил обврзницата добива фиксен принос, камата (yield), за да на крајот кога обврзницата ќе истече да ја добие целата сума назад. Кога побарувачката за обврзници е поголема (повеќе се купува) тогаш цената на обврзниците оди нагоре, а каматата оди надолу. И обратно, кога понудата е поголема (повеќе има за продажба) тогаш цената на обврзниците оди надолу, а каматата нагоре.
Обично за тие обврзници што се со подолг рок, каматата (yield-от) е поголем, што е нормално да се очекува, бидејќи подолг период ти ги држат парите. Но, има ретки периоди кога се случува да каматата за обврзниците со пократок рок биде поголем споредено со тие со подолг рок. Тоа се нарекува дека yield curve се инвертира, и тоа е обично знак дека ДОАЃА РЕЦЕСИЈА (период на немање економски раст).
Зошто тогаш кривата се инвертира? Бидејќи инвеститорите согледувајќи ги економските параметри и движења, претпоставуваат дека доаѓа рецесија, и дека како одговор на тоа Централната Банка ќе ја намали каматата. А таа камата служи како основа за одредување на каматата (yield-от) за краткорочните обврзници (до 2 години). Инвеститорите знаат дека краткорочните обврзници ќе мора да ги реинвестираат за неколку месеци (откога ќе истечат), но тогаш би добиле помала камата (бидејќи Централната Банка би ги намалила каматите). И пред тоа да се случи, тие ги продаваат краткорочните обврзници, што значи каматата за нив оди нагоре.
Со тие пари ги купуваат долгорочните обврзници (обично 10-годишните). Тоа значи дека ќе има поголема побарувачка за 10-годишните обврзници, што повлекува дека каматата за нив оди надолу. Значи каматата за краткорочните (3-месеци до 2 години) оди нагоре, додека каматата за 10-годишните оди надолу. И ќе дојде момент кога каматата за 3-месечните ќе е поголема од каматата за 10-годишните, тогаш кривата се инвертира.
Кривата на Америчките обврзници ИНВЕРТИРА ПРОШЛАТА НЕДЕЛА, каматата за 3-месечните стана поголема отколку за 10-годишните. Последен пат тоа било случај во 2007, пред да настапи кризата тогаш. Но, овојпат не е исто како тогаш. Америчката економија не што е далеку од рецесија, него е единствена од големите економии со позитивен тренд на раст, и фактички го држи светот во овој период. Воедно, ФЕД се единствената Централна Банка кои што до скоро имаа политика на зголемување на каматната стапка. Тоа што запреа (сега засега) е во дел од причините објаснати подолу. И што всушност се случува?
Овој пат проблемот не е во економијата на САД, него е надвор од САД, таму е рецесијата, како што и покажуваат економските параметри. Примарно во ЕУславија, Јапонија, дури и Кина (не е рецесија, но е надолен тренд на раст), буквално сите останати глобални економии, освен таа на САД. И парите глобално гравитираат кон САД, и каде се паркираат, во 10-годишните обврзници на америчката влада.
Зошто останатите економии го имаат овој проблем? Бидејќи на западот социјализмот преовлада над капитализмот. ЕУславија е еклатантен пример за тоа, потрошувачката на политичарите, нели во име на државата (социјалистички момент), постојано растеше како дел од БДП-то. Со тоа соодветно растеа и даноците и другите државни давачки како дел од БДП-то, нели за да се финансира зголемената државна потрошувачка. Зголемувањето на даноците СЕКОГАШ делува дефлационо (го намалува) на економскиот раст, бидејќи има се повеќе од тие што се паразити, а се помалку од тие што создаваат (социјализмот преовлада над капитализмот).
Социјализмот е во суштина експлоатација над работните луѓе од паразитите. И ЕЦБ (Европска Централна Банка) веќе со години очајно се обидува да го поттикне економскиот раст, со зголемување на монетарната маса, и со намалување на каматите (некаде дури и негативни), и тоа никако да даде резултати. Па како да даде, кога од друга страна ги креваат даноците. Јапонија има слични проблеми (мешање на политичарите во економијата, но не до толку како во ЕУславија). А проблемите на Кина се од друга природа (дел поради carry trade на УСД), но да не се шири.
За споредба, Трамп ги намали даноците и се постигна економски раст дури и повеќе од тоа што предизборно го вети. И тогаш беше исмејуван дека бројките што ги ветува се нереални и недостижни, за сега истите тие да бидат заќутени, а некои од нив дури се толку безобразни и ги припишуваат на себе успесите од политиките на Трамп.
Понатаму, поради политиките на нула (некаде дури и негативна) каматна стапка на ЕЦБ, европските банки беа приморани да ги ставаат парите на други места, каде што би имале поврат. И помеѓу другото, го купуваа долгот на ЕМ (Еmerging Markets) земјите, како на пример Турција.
Но, економијата на Турција примарно поради катастрофалните политики на Ердоган (пак политичар кој премногу се меша во економијата), бележи и такви резултати. И последно инвеститорите сакаат да ги повлечат парите од Турција, но Турција (Ердоган) едноставно ги заглави инвеститорите, ги забрана трансакциите кои што би воделе надвор од Турската лира (ЛИНК). Ништо повеќе него очаен потег на Ердоган, кој што нема да даде резултати, и за тоа секако се некој друг ќе е виновен, само не тој самиот. Слична е и состојбата во Бразил, Јужна Африка и други ЕМ земји.
Тоа се случува во моментов и е фактички вовед во наредната глобална криза, банкрот на државните долгови, државните пензиски и социјални фондови, фактички пропаст на социјализмот на запад. Во 1989-90 комунизмот пропадна на истокот, сега е ред на западот.
Наредно кризата од периферијата ќе се прошири кон јадрото, прво ЕУславија, па Јапонија, Кина и на крај САД. Но, кризата нема да биде иста за сите. Најпогодена ќе е ЕУславија, а помалку Кина и САД.
Што ќе биде со Македонија? Дали ќе бидеме длабоко вовлечени во кризата, или пак можеби може да излезиме дури и појаки од неа? Ако не се променат сегашните економско/финансиски политики, тогаш одиме директно буквално во епицентарот на огромното невреме. Која ќе е точната цена, никој не знае, но сигурно нема да е воопшто мала.
Спротивно, како да излезиме можеби дури и појаки, и да го фатиме врвот на наредниот бран од глобалниот економски раст? Интегра, Македонската конзервативно-либертаријанска партија ја нуди таа опција. Спроведување на очајно потребните реформи, кои помеѓу другото едноставно кажано би се превеле во следното:
Од една страна укинување на државниот долг и државното задолжување. Воедно намалување на лукративното трошење на политичарите, со на почеток намалување на буџетот од сегашни 1/3 од БДП, на 1/4 до 1/5 од БДП, а понатаму уште повеќе намалување.
Од друга страна, намалување/укинување на даноците, придонесите и други разни државни давачки. Парите да бидат кај работните луѓе, а не политичарите. Но, не на начин да прво им се земат парите, и после наводно да се враќаат назад, и тоа трошки, а дури ни толку. Него воопшто да не се земаат парите од работните луѓе, најголем дел да остане изворно кај нив, бидејќи тие се тие што создаваат.
И тоа не го прават за политичарите и нивните партиски војски, како што е сега. Него го прават тоа за себе и сопствената фамилија, и за функционална држава, и тоа треба да им се овозможи.
Јованчо Спироски
*Колумните се лични ставови на авторите и Macedonian Business Hub се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
